Фото: Маја Јаневска-Илиева

Полскиот вицепрвак е лидер на табелата во групата А со пет победи од исто толку одиграни мечеви

РАКОМЕТ – ЛИГА НА ЕВРОПА

Двомеч на гостински терен утре и во вторник кај полскиот вицепрвак Висла е следната задача на десеткуваниот тим на Металург, кој во рамките на Лигата на Европа во ракомет ќе треба да ги одигра мечевите од 2-то одложено коло и 8-то регуларно коло. И овој пат поради коронавирусот и повредите, металурзите ќе патуваат во скратен состав без неколкумина клучни ракометари.
– Нѐ очекува уште потежок натпревар од гостувањето кај Чеховски медведи, бидејќи и понатаму сме без неколкумина клучни играчи во нашиот тим. Затоа сметам дека овие неколку меча не се реална слика за нашите можности и квалитети, бидејќи во комплетен состав можеме многу повеќе и многу подобро. Факт е дека тие ќе имаат квалитетен состав и подолга клупа со можност за повеќе ротации и свежина во играта, но тоа не значи дека утре ние ќе излеземе со бело знаме на теренот. Напротив, ќе се обидеме да одиграме најдобро што можеме, пред сѐ во одбраната. Ја анализиравме нивната игра, ги видовме нивните предности и слабости, па ако успееме да одиграме според договореното и одработеното на тренинг, и не им дозволиме лесни голови по наши грешки, верувам дека можеме да дадеме добра партија – изјави десниот бек на Металург, Мартин Серафимов.

Утрешниот дуел (20.45 ч., пренос МТВ) ќе биде трета меѓусебна средба на двата клуба на европската ракометна сцена, од кои во претходните два меча во Лигата на шампионите (сезона 2011/12) во два наврати победата му припадна на Металург (24-20 и 31-27). Полскиот вицепрвак е лидер на табелата во групата А со пет победи од исто толку одиграни мечеви. Меѓу шесте екипи во групата Полјаците ја имаат најдобрата одбрана со 24,4 примени гола по меч, но го имаат вториот најслаб напад со просек од 28,3 гола по натпревар.
Шпанскиот стратег Хавиер Сабате располага со тим што има 13 интернационалци, од кои четворица од Шпанија, тројца од Хрватска и по еден играч од Србија, Франција, БиХ, Бразил, Унгарија и Шведска и 13 домашни ракометари. Висла ја има втората позиција во полскиот шампионат со 10 победи и два пораза (од Шчечин 26-24 и од Киелце 31-19).


ГРУПА А

Металург – Висла утре, 20.45 ч.
Висла – Металург вторник
Чеховски М. – Фиверс вторник

ТАБЕЛА
Висла 5 5 0 0 10
Адемар Леон 6 3 3 0 9
Чеховски М. 4 2 0 2 4
Тулуз 6 1 2 3 4
Фиверс 7 1 2 4 4
Металург 4 0 1 3 1