РАКОМЕТ – ЛИГА НА ЕВРОПА

Ракометарите на Металург ќе го пречекаат рускиот првак Чеховски медведи во заостанатиот меч од 5. коло во Лигата на Европа (ЛЕ), денеска од 18 часот (пренос на МТВ), во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Поради повреди и коронавирусот, претходните три меча, со Чеховски медведи и двомечот со полскиот првак Висла, сите на гости, металурзите ги одиграа во некомплетен состав, со 11 ракометари, од кои тројца кадети и четворица младинци.
Металург и Чеховски медведи досега се сретнале девет пати, од кои осум во групната фаза од Лигата на шампионите (ЛШ) и еден од ЛЕ. Металурзите имаат три победи, а шест пати поуспешен бил рускиот состав.
– Иако по двата меча со Висла имавме само еден ден за тренинг и за подготовка, верувам дека ќе одиграме добар реванш-дуел со рускиот првак, бидејќи се надевам дека за денешниот меч во составот ќе се вратат некои од играчите што не беа во составот на претходните три меча. Ќе добиеме поголема ротација и свежина во играта и ќе дадеме сѐ од себе да оствариме што подобар резултат – изјави голманот Даниел Ѓорѓески во пресрет на мечот.
Најголемата опасност по голот на Металург ќе доаѓа од бековската линија на рускиот состав, која во претходните пет меча постигна 93 гола, што е 58 отсто од вкупниот број реализации на тимот. Од линијата од шест метри пикерите имаат 37 погодоци, а од крилните позиции Русите погодиле 31 пат. Најефикасен ракометар кај Чеховски медведи е десниот бек Александар Котов со 24 гола, 20 погодока има левиот бек Сергеј Косоротов, а еден помалку има десниот бек Димитри Киселев. Голманската двојка Димитри Павленко и Артем Грушко во петте меча од ЛЕ имаат 64 одбрани.