Фото: Игор Бансколиев

Прв меч во оваа полусезона, прв по СП и можеби најтежок за нас. Малку ми е потешко да го подготвам овој натпревар, бидејќи Загреб има нов тренер, а Тамше е дијаметрално спротивен од Червар, вели Брестовац, пред мечот утре со Загреб во Регионалната лига

Со дуелот од 14-то коло од Регионалната лига почнува пролетниот дел од сезоната за ракометрите на Металург, кои утре (20.30 часот- пренос на МТВ), во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, го пречекуваат хрватскиот првак Загреб. Тренерот Данило Брестовац одработи одлични подготовки со металурзите во пресрет на продолжението на сезоната, но со оглед на тоа што Загреб го промени тренерот за време на јануарската пауза (Бранко Тамше на местото на Лино Червар), тој нема реална слика за играта на противникот.

– Прв натпревар во оваа полусезона, прв по СП и можеби најтежок за нас. Но добро е што играме на домашен терен. Малку ми е потешко да го подготвам овој натпревар, бидејќи Загреб сега има нов тренер, Тамше, и тие сигурно ќе имаат некоја нова концепција на играта. Стратегиски, Тамше е дијаметрално спротивен од Червар. Лино повеќе ја почитува топката, а Тамше сака ракомет со многу трчање, динамичен. Ќе мора да се адаптираме и да реагираме на самиот натпревар. Тешко е да се подготвуваме и одбранбено и напаѓачки, но, од друга страна, пак, и нему неколку играчи му беа на СП, па и тој немаше многу време за да менува. Може само да погодуваме како ќе биде – изјави Брестовац.

Загреб, Нексе и Вардар со по 33 бода се на делба на првата позиција на табелата. Загреб е еден од фаворитите во трката за регионалната титула. Металург, пак, е на деветтата позиција со две победи, едно реми и 10 порази во изминатите 13 кола.