Фото: Маја Јаневска-Илиева

Брзата транзиција и контра се главна одлика и најсилно оружје на шпанскиот тим, кој со ефект од 31,1 гол по меч го има најдобриот напад во групата А, а трет најдобар напад вкупно во Лигата на Европа

РАКОМЕТ – ЛИГА НА ЕВРОПА

Ракометарите на Металург утре (18.45 часот, пренос на МТВ), во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, ќе го пречекаат шпанскиот вицепрвак Адемар Леон, во натпревар од последното, 10-то коло од групната фаза сезонава во новоформираното натпреварување Лига на Европа.
– По долго време ќе бидеме комплетни на теренот, со можност за повеќе ротации и за свежина во играта. Лошите партии во претходните неколку меча ќе се потрудиме да ги искористиме како мотив за квалитетна и борбена игра од првата до последната минута и, доколку ни се укаже шанса, со позитивен резултат да ги заокружиме настапите на европска сцена – изјави десниот бек на Металург, Мартин Серафимов.
Во досегашниот тек од сезоната, составот на шпанскиот стратег Маноло Каденас забележа пет победи, и тоа две над Чеховски медведи (35-34, 33-32) и по една над Металург (41-32), Фиверс (30-28) и над Висла (32-27), потоа три ремија, од кои две со Тулуз (26-26 и 28-28) и едно со Фиверс (33-33) и еден пораз, од Висла (29-22). Со 13 бода, шпанскиот вицепрвак ја има втората позиција на табелата во групата А, зад Висла, која има осум победи на девет меча.

Брзата транзиција и контра се главна одлика и најсилно оружје на шпанскиот тим, кој со ефект од 31,1 гол по меч го има најдобриот напад во групата А, а трет најдобар напад во целокупното натпреварување на ЛЕ, зад ГОГ (31,3) и зад Магдебург (31,7). Десното крило Гонзало Перез со 52 реализации е најдобар стрелец во тимот на Каденас.
Пласман во осминафиналето на Лигата на Европа обезбедуваат четирите најдобропласирани екипи од секоја од четирите групи, а од групата А тоа се Висла, Адемар, Чеховски медведи и Фиверс или Тулуз.