Српскиот првак Војводина ќе биде денешниот противник (17 часот) на младите ракометри на Металург во 9. коло од Регионалната лига, во Нови Сад. Македонскиот првак Вардар синоќа беше домаќин на босанскиот претставник Извиѓач. Победа во денешниот дуел ќе биде главната цел на избраниците на тренерот Данило Брестовац, кои против српскиот првак ќе се обидат да стигнат до вториот триумф сезонава во Регионалната лига, за да ја кренат самодовербата на повисоко ниво пред последниот меч од Лигата на шампионите (ЛШ) в сабота (19.30 часот) на гости кај словачкиот првак Татран.

Денешниот дуел помеѓу Војводина и Металург ќе биде седми меѓусебен во Регионалната лига. Четири дуели завршиле со победа на Металург (две на гости), по еднаш победила Војводина и двата тима одиграле без победник (реми во Скопје). Сезонава Војводина има три победи и пет порази и е на седмата позиција на табелата со девет бода. Српскиот првак славеше на гости кај Железничар (27-20) и кај Извиѓач (25-23), а дома го совлада Мешков (29-23). Металурзите се деветти, со по една победа (над Татран со 30-28) и реми (со Извиѓач, 27-27), двете дома.

Според ефектот на терен во изминатите осум меча, како најефикасни во составот на Војводина се истакнаа левото крило Милош Грозданиќ (47 гола, од кои 24 од пенал) и десното крило Страхиња Станковиќ (22 реализации). Во бековската линија доминираат десниот бек Јовица Николиќ (18 гола), централниот бек Срѓан Милиќ (15 гола) и левиот бек Душко Челица (10 погодоци). Кај Металург најефикасни се десното крило Анте Токиќ со 33 реализации и Мартин Серафимов со 28 гола (17 од седмерец).