Романска Стеауа ќе биде денешниот предизвик за ракометарите на Металург (17.15 часот, пренос на МТВ), која ќе им гостува во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, во 8-то коло од Регионалната лига (РЛ). Со оглед на ефектот по седум кола, четири победи (Татран, Војводина, Мешков и Извиѓач) и три порази (Загреб, Вардар и Нексе), дебитантот ќе ја има улогата на фаворит. Но двете врзани победи на Металург (над Татран во РЛ со 30-28 и над Чеховски во ЛШ со 25-24), дополнети со новата енергија на трите засилувања, Александар Шпенде, Миха Пучник и Гонзало Риберио, му даваат за право на Металург да се надева на уште една добра игра и позитивен резултат.

– Има најава дека Стеауа ќе дојде со вториот тим, но наша задача е да се подготвиме за нивното најдобро издание и да одиграме максимално, без разлика со каков тим ќе излезат на теренот. Можам да кажам дека шансите се 50-50, но ако ја одиграме нашата игра, верувам во позитивен исход – изјави Данило Брестовац, тренерот на Металург.

Кај романскиот тим клучната улога ја има бековската тројка Хавиер Хумет (32 гола), Марин Вегар (21 гол) и Крсто Милошевиќ (17 погодок), а одлично ги дополнуваат крилата Алин Росу и Габриел Флореа и пикерот Немања Грбовиќ (сите по 15 гола).