Фото: Игор Бансколиев

Турнирот треба да се игра од 14 до 16 мај, а местото на одигрување на натпреварите и полуфиналните двојки ќе бидат одредени дополнително

РАКОМЕТ – КУП НА МАКЕДОНИЈА

Со победите над Работнички (34-28), односно над Пролет (36-21), ракометарите на Металург и на Еурофарм Пелистер ја комплетираа полуфиналната четворка што ќе игра во 28-та завршница во Купот на Македонија. Претходно место на завршниот турнир обезбедија Вардар и Бутел, со победите на мечевите со Радовиш (35-32), односно со Охрид (22-19), во четвртфиналните дуели.
Поради пандемијата на коронавирусот, минатата сезона не се одигра завршницата на Купот на Македонија, па улогата на бранител на трофејот ќе ја има Металург, кој го освои победничкиот пехар во 2019 година. Од досегашните 27 финалиња, Вардар има 13 трофеи, Металург шест, Пелистер пет, а по еден имаат Тутунски комбинат Прилеп, Борец Велес и Шевро Куманово.
Турнирот за трофејот во Купот на Македонија треба да се игра од 14 до 16 мај, а местото на одигрување на натпреварите и полуфиналните двојки ќе бидат одредени дополнително.