Маријан Мариќ

Победникот на Купот на Македонија досега ги ангажира пикерот Вујовиќ, левото крило
Поповиќ, десното крило Чантурија и левиот бек Мариќ, а се очекуваат уште три играчи, за позициите лев бек, централен бек и голман

Освојувачот на Купот на Македонија, Металург, со забрзани чекори ја формира екипата со која тимот од Автокоманда сезонава ќе се натпреварува во Купот на Европската ракометна федерација (ЕХФ) и во домашните натпреварувања, првенството и Купот.
За пополнување на испразнетите места во тимот досега се ангажирани четворица ракометари, а според најавите од клубот треба да пристигнат уште најмалку тројца играчи.

Прв на листата за засилување на Металург беше младиот црногорски пикер Лука Вујовиќ (19 г., 193 см, 92 кг), кој во Автокоманда дојде од редовите на црногорскиот првак Ловќен. Левото крило Милан Поповиќ (29/186/82) е вториот Црногорец што сезонава ќе ги брани боите на Металург. И тој потекнува од школата на Ловќен, а во Металург пристигна по едногодишниот престој во битолски Пелистер, каде што со 174 гола го имаше епитетот најдобар стрелец.

Десната крилна позиција во Металург ќе ја засили искусниот Грузиец Равез Чантурија (37), кој минатата сезона ги бранеше боите на Пелистер и на Струга, а своевремено шест сезони (2004-2010) беше дел од тимот од Автокоманда.

Младиот хрватски лев бек Маријан Мариќ (23 г, 193 см) е четвртиот интернационалец, кој сезонава ќе го носи дресот на Металург. Мариќ во Металург пристигнува од Зрињски од Мостар (БиХ), каде што важел за најдобар дефанзивец во екипата.
Во следните неколку дена свој потпис за тимот од Автокоманда треба да стават уште најмалку тројца ракометари, на позициите лев бек, централен бек и голман.