Во минатата сезона Барселона загуби од Сегед во првото коло, а потоа победи во следните 13 натпревари и во сите 14 сезонава во групната фаза. Рекордерот со девет титули европски првак заврши само еден од 14-те натпревари во групата сезонава со помалку од 30 постигнати гола, постигна 40 или повеќе погодока на четири меча и вкупно 505 гола, 36 во просек по средба

РАКОМЕТ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Со победата над украинскиот Мотор (42-34) во последниот меч од групната фаза сезонава во ракометната Лига на шампионите (ЛШ), шпанскиот првак Барселона ја забележа и 14-та победа во првата фаза од натпреварувањето, што е максимален ефект по 14 кола. Откако е поставен новиот формат на натпреварување во ЛШ (во 2015 година), Барселона, рекордерот со девет титули европски првак, е првиот тим што ја поминал групната фаза без загубен бод.
Во претходниот формат на натпреварување, кога во групната фаза имаше по четири групи со по шест тима (од воведувањето фајнал-фор од 2010 до 2015 година), полскиот првак Киелце во два наврати (во сезоните 2012 и 2014) имаше перфектен ефект од 10 победи во 10 меча во групната фаза. Во минатата сезона, ефектот на Барселона по групната фаза беше 13 победи и еден пораз, а една сезона пред тоа избраниците на тренерот Чави Пасквал групната фаза ја завршија со 12 победи и два пораза. Најслабиот ефект Шпанците го имаа во 2017 година, кога забележаа девет победи, две ремија и три пораза. Во минатата сезона Барселона загуби од Сегед во првото коло, а потоа победи во следните 13 меча, што значи дека сега има 27 победи по ред во групната фаза.
Освен максималниот ефект од 14 победи, ракометарите на Барселона сезонава го имаат и најдобриот напад од воведувањето на фајналфор-форматот на натпреварување во ЛШ, со ефект од 36 гола по меч.

Барселона заврши само еден од 14-те натпревари во групата со помалку од 30 постигнати гола, постигна 40 или повеќе голови на четири меча и вкупно 505 погодока. Сезонава Шпанците во два наврати славеа над унгарскиот Веспрем (37-30, 37-34), германскиот Кил (29-25 32-26), данскиот Алборг (42-33, 35-32), словенечкото Целје (42-28, 32-29), хрватскиот Загреб (45-27, 37-33), украинскиот Мотор (42-34, 30-25) и францускиот Нант (35-27, 30-29). Десното крило Алекс Гомез (61 гол) и десниот бек Дика Мем (60 гола) беа најефикасни во шпанскиот состав.
Во осминафиналето (дуелите е предвидено да се играат од 31 март) противник на Барселона ќе биде норвешкиот првак Елверум, кој заврши на осмата позиција во групата А. Во осминафиналето ќе играат и Мотор – Мешков, а преостанатите осминафинални двојки беа одредени по синоќешните преостанати дуели од 14. коло.