Атмосферата во салата е величествена. Особено во првата рунда, и навистина ми е жал што македонските навивачи мораа да ја напуштат Виена, бидејќи навиваа со срце. Кога ќе се разбуди целата сала, нема посреќен човек од мене во моментот, вели Маркус Флот, кој на уникатен начин ја „буди“ публиката за време на мечевите на ЕП

Мирко Постоловски
специјално од Виена за „Нова Македонија“

Големи ракометни имиња продефилираа на паркетот во „Градската сала“ во Виена, илјадници гледачи уживаат во мајсториите на теренот, но шоуто го украде симпатичниот водител Маркус Флот, кој на уникатен начин ја „буди“ публиката за време на Европското првенство, чиј еден дел се игра во главниот град на Австрија. Дали е тоа виенски валцер, или се тоа бранови, дали голманот одбранил или бил постигнат гол, Флот е човекот што ги движи работите во салата. Во разговорот за „Нова Македонија“ открива кој му е омилен ракометар, зошто ги сака нашите навивачи и како се подготвува за мечевите.

– Едноставно уживам во тоа што го правам. Гледачите во салата се одлични, а кога сме кај македонските навивачи, тие се нешто посебно. Нив ги „познавам“ од мечевите од фајнал-форот во Келн. Тие патуваат насекаде и прават одлична атмосфера. На такви натпревари се чувствувам како дел од тоа, и кога човек со срце ќе се внесе, тогаш сѐ е полесно и работата претставува задоволство – вели Флот, официјалниот спикер во салата во Виена.
Флот зборува одлично англиски и германски, но успева на повеќе јазици да ги „разбуди“ навивачите. Често за време на мечевите кога играше Македонија можеше да се слушне „Каде се навивачи Македонци“.

– Да, да се обидуваме на секој начин да ги анимираме навивачите. При подготовките за мечевите се обидуваме барем по една-две реченици да научиме од јазикот на селекциите што играат. Слоганите што ги изговараме најчесто се напишани на лист и јас само ги читам. Разговор, на пример, на македонски не можеме да водиме, но можам барем речениците да ги прочитам и екипата и публиката на нивниот мајчин јазик да ги поддржам – вели Австриецот.
Но не само реченици, Флот добро ги познава ракометарите. Беше дел од СП во Катар, потоа ЕП во Франција, кај публиката е познат и од водењето на мечевите од фајнл-форот во ракометната ЛШ. Од она што може да се чуе на трибините доста добро ги познава играчите.

– Тоа е тимска работа. Се подготвуваме во пресрет на мечот, гледаме кои тимови играат, кои играчи. На пример, мој омилен играч е Стојанче Стоилов. За него не ни треба никаква подготовка (се смее). Кај другите што не ги познавам доволно добро потребна ни е дополнителна подготовка, правиме истражувања, ни треба повеќе време за да се подготвиме да може да кажеме некој податок. Обично по завршувањето на мечевите правиме анализа, прелистуваме статистики. Наредното утре имаме уште еден состанок, на кој ги проверуваме податоците – открива дел од „тактиката“ Флот.
Осум селекции во прелиминарната и во главната фаза играа во Виена. Тој успеа со сите навивачи да направи хемија, која потоа се пренесува на теренот.

– Атмосферата во салата за време на турнирот е величествена. Особено во првата рунда, и навистина ми е жал што македонските навивачи мораа да ја напуштат Виена, бидејќи навиваа со срце. Тимовите што играа тука имаат извонредна поддршка, Хрватска, Германија. Чешка. Кога на паркетот се ракометните нации како Хрватска и Македонија, кои имаат посебен стил на навивање, тогаш се буди и домашната публика. Австријците се одушевени и тие навиваат со нив, натпреварот од теренот се пренесува и на трибините. Кога ќе се разбуди целата сала, нема посреќен човек од мене во моментот. Ние сме петчлена екипа. Јас, еден диџеј, кој е и спикер и ме поддржува од заднина, маскотата Вини, режисер што го развива целиот концепт, како и уште еден режисер, кој се грижи за сликите што се појавуваат на екраните во салата – рече тој.