Фото: Маја Јаневска-Илиева

Турнирот во Грција ни дојде како одлична проверка на формата и подготвеноста пред почетокот на првенството. Екипата покажа квалитет и карактер на сите три натпревари. Од меч на меч играме сѐ подобро и полека се адаптираме едни на други. Почнува првенството и таму немаме право на грешки, се игра за бодови и тоа ќе биде најбитно, вели Марковски, тренерот на Металург

РАКОМЕТ – ВО ПРЕСРЕТ НА НОВАТА СЕЗОНА

Ракометарите на Металург го освоија второто место на турнирот „Андреас Папастаматис“ што се одржа во Атина, Грција, откако го загубија дуелот со грчкиот првак АЕК (28-32) во третото коло. Тимот од Автокоманда одигра одлично прво полувреме, по кое имаше целосна контрола над играта по што на полувреме замина со предност од два гола (17-15). Продолжението на мечот донесе многу поефикасна и подобра игра на домашниот тим. Предводени од искусните Шпанци Кристијан Угалде и Игнацио Моја, Грците ги презедоа водството и контролата врз играта за победа со 32-28.
– Турнирот во Грција ни дојде како одлична проверка на формата и подготвеноста пред почетокот на првенството. Одигравме одличен и продуктивен турнир за нас, иако настапивме без браќата Њокас. Екипата покажа квалитет и карактер на сите три натпревари. Задоволен сум од ангажманот и од пристапот од сите играчи, а во овој момент, тоа е најважно. Од меч на меч играме сѐ подобро и полека се адаптираме едни на други. Нормално е дека има и грешки, но и добри работи. Абдула Мане покажа дека е квалитет што и во одбрана и во напад ќе ни биде од голема корист.

Својот потенцијал и висок процент на реализација ги покажуваат и Халил Озтурк и Улисес Рибеиро. Задоволен сум и од македонските играчи, Милан Лазаревски покажа голем прогрес и ме радува тоа, исто така и Александар Петковски, Бобан Каковски, Дарио Кофиловски и од голманската тројка. Ова го потенцирам бидејќи добивме неколку играчи што играат важна улога во тимот за разлика од минатата сезона кога на сметка на резултатите добивме играчи плус во ротација – вели тренерот на Металург, Иван Марковски.
За металурзите турнирот во Грција беше последна контролка пред почетокот на новата сезона во домашната Суперлига, која треба да почне утре.

– Со мечевите в среда и в четврток почнува првенството и таму немаме право на грешки, се игра за бодови и тоа ќе биде најбитно. Битен е и моментот дека не бевме комплетни во текот на целите подготовки. Освен во мечот со Вардар, на сите други натпревари бевме без браќата Њокас. Се надевам дека ќе се надминат административните проблеми и со нив во екипата ќе добиеме плус квалитет. Очекувам интересно првенство, во кое од натпревар на натпревар ќе го креваме нивото на игра и ќе ја оствариме амбицијата што ја имаме зацртано, а тоа е, пласман во горниот дел од табелата – рече Марковски.