Актуелниот првак сега е рекордер според победи на гости во Премиер-лигата во една година, во вкупно победи за 12 месеци и според постигнати голови во една календарска година во ерата на Премиер-лигата

ФУДБАЛ – АНГЛИЈА

Манчестер сити со победата на гости над Њукасл (4-0), осма по ред, постави два нови рекорда во англискиот фудбал. Првиот е за најмногу победи во една календарска година, вкупно 34 годинава, една повеќе од Ливерпул во 1982 година, под водство на легендарниот менаџер Боб Пејсли. Челси во 2004 година забележа 32 победи.
До крајот на годинава, Сити треба да одигра уште два натпревара во Премиер-лигата, дома со Лестер и на гости кај Брентфорд, и има шанса да го подобри тој рекорд.
Победата на стадионот „Сент Џејмс парк“ беше 18-та на гости во Премиер-лигата годинава, повеќе од која било друга прволигашка екипа во историјата на англискиот фудбал.
Претходно рекордер беше Тотенхем, со 17 победи, забележани во сезоната 1960/1961, под водство на Бил Николсон. Манчестер јунајтед во 1993-та, Челси во 2005-та и 2008-та и Сити во 2017-та имаа по 15 гостински победи.
Актуелниот англиски првак, кој е на врвот на табелата во Премиер-лигата, со 44 бода, во 2021 година постигна 106 гола, најмногу во една календарска година во ерата на Премиер-лигата. Повеќе голови во една година од Сити, во 1963-та, во тогашната Прва лига, постигна Арсенал, 112.
Манчестер сити третпат ќе биде на врвот во Премиер-лигата на Божиќ. Во двете претходни ситуации, во сезоните 2011/2012 и 2017/2018 подоцна стана шампион.