Ракометот порано и сега е многу различен. Единствено нешто што ги спојува ракометот од сега и порано се добрите бекови. Не може да се изведе која било акција без добри бекови, кои ќе знаат да креираат шанса или, пак, да го совладаат голманот, вели Пепи Манасков

Едниот ги решетеше мрежите од левата страна, другиот го прави тоа од десната страна, а македонските навивачи жалат што двајцата не играа во исто време. Пепи Манасков и Кирил Лазаров се сретнаа во македонскиот камп во Виена за време на ЕП во ракомет и разменија мислења за актуелните случувања.

– Јас и Кире заедно игравме многу малку во репрезентацијата. Тој беше уште млад и неискусен, но би биле добар бековски тандем – вели најдобриот македонски ракометар од минатиот век, Пепи Манасков.

Тој смета дека ракометот во времето во кое тој играше и сега е многу различен.
– Тогаш во составот беа 12 играчи, сега се 16, што од старт ти дава поголема шанса. Правилата на игра се променети, кои овозможуваат повеќе голови и почиста игра. Тактиките исто така. Единствено нешто што ги спојува ракометот од сега и порано се добрите бекови. Не може да се изведе која било акција без добри бекови, кои ќе знаат да креираат шанса или, пак, да го совладаат голманот – вели Манасков.
На средба со репрезентативците беше и Филип Лазаров.

– Собирите на репрезентацијата многу ми недостигаат и затоа дојдов тука да ги поддржам моите другари и некогашни соиграчи. Убаво беше да се потсетиме на минатото, да им дадеме крилја на ракометарите за добар резултат. На ЕП во Србија во 2012-та го игравме најдобриот ракомет и го остваривме најдобриот успех. Имаше уште неколку шампионати на кои игравме добро и за малку ни бегаше некој посериозен успех, но на ЕП во Србија за влакно ни побегна победата против Данска и пласман меѓу најдобрите четири. Нашата земја живее за ракометот. Вистински доказ е атмосферата во Виена годинава, но и од претходните големи собири, кои не можат да поминат без македонските навивачи – вели Филип Лазаров.

Ацо Јоноски вели дека денес сите играат добар и квалитетен ракомет и секоја селекција си има свои адути.

– На колена падна една Франција, која беше синоним за победа во светскиот ракомет, а изгуби и Данска, која исто така е ракометен гигант. Во воведните натпревари од ЕП видовме дека нема повеќе фаворити и аутсајдери. Проширувањето на форматот на ЕП е добро и полека ракометот се приближува до фудбалот и до кошарката. Шанса им се даде на селекции што досега не биле дел од ЕП, што го прави ова првенство многу различно од другите. Сега живеам во Германија, работам како тренер во екипа и знам што значи поддршката од некогашен соиграч или другар кога ќе дојде во базата. Уште се чувствувам како дел од оваа селекција. Голема е разликата помеѓу играч и тренер. Сега, како тренер, одговорноста е поголема. Целосно се менува сѐ, па дури и начинот на живот – истакна Јоноски. M.П.