Избраниците на селекторот Раул Гонзалес одиграа одличен натпревар во Скопје Фото: Игор Бансколиев

Имаме предност од осум гола, но тој резултат го оставаме настрана. Мораме и во реваншот да одиграме еднакво добро како во првиот меч и со победа да го завериме пласманот на СП, рече Манасков, по победата на Македонија над Романија во Скопје со 32-24 во првиот бараж-меч за пласман на СП 2019

Македонската машка ракометна репрезентација успешно ја помина првата бараж-задача и е на чекор од пласман на четвртиот едноподруго, а вкупно шести Мундијал. Во првиот меч од квалификациите за пласман на Светското првенство во Германија и во Данска во 2019 година македонските репрезентативци забележа убедлива победа над Романија со 32-24 (15-10).
Избраниците на селекторот Раул Гонзалес одиграа одличен и сигурен натпревар во кој целосно ја оправдаа фаворитската улога што ја имаа пред почетокот на мечот. Со максимално ефикасниот напад и цврстата игра во одбраната „црвено-жолтите“ имаа иницијатива и контрола врз резултатот во текот на целиот натпревар.
– Имаме победа од осум гола разлика, но не е сѐ готово. Тука го одигравме само првото полувреме, а ни претстои реванш, кој очекуваме да биде потежок. Имавме тежок почеток на мечот, но неколкуте брзи контри ни ја отворија играта и потоа сѐ беше полесно. Во продолжението од мечот игравме добро, но имавме и неколку слабости и грешки, кои ќе треба да ги поправиме. Романците имаат добар тренер и добри играчи и верувам дека ќе направат сѐ за да ни биде многу потешко во реваншот утре – изјави Гонзалес.

Капитенот Кирил Лазаров и левото крило Дејан Манасков беа најефикасни во победата на македонскиот состав. Лазаров беше стрелец на осум, а Манасков реализира шест гола. Клучна улога во високата победа на македонската селекција имаше голманот Борко Ристовски, кој забележа 14 интервенции на голот.
– Одигравме добар натпревар и заслужено победивме и сето тоа благодарение на нашата публика, пред која играме со посебно задоволство и голем мотив. Имаме предност од осум гола, но тој резултат го оставаме настрана и во реванш-мечот ќе влеземе како да е 0-0. Мораме и во возвратниот натпревар да одиграме еднакво добро како во првиот меч и со победа да го завериме пласманот на Светското првенство – рече Манасков.
Реванш-натпревар со Романија македонските ракометари треба да го играат утре (17.30 часот) во Клуж.