Во првото коло Вардар денеска гостува кај Монпелје, за кој настапуваат и Ричардсон, Порт, Гребиј, Дуарте, Шего…, а дебитантот Еурофарм Работник утре го пречекува Спортинг, во кој играат Руезга, Марзо, Никчевиќ…

Европскиот првак Вардар и дебитантот Еурофарм Работник денеска и утре ќе ги почнат настапите во годинашната Лига на шампионите (ЛШ) во ракомет. Вардарци, предводени од новиот тренер Давид Писонеро, на гости денеска (17.15 ч.) седми пат ќе ги одмерат силите со француски Монпелје. Еурофарм Работник дома, утре (17 ч.), ќе настојува да ги освои првите бодови против Спортинг.

Вардарци се многу поуспешни од Монпелје со пет победи, едно реми и еден пораз (во полуфиналето на фајналфорот во 2018 година). На теренот во Монпелје, пак, третпат ќе ги одмерат силите, а вардарци не знаат за пораз, забележувајќи две победи и едно реми. Најголема опасност од Монпелје, во чии редови играат 10 странци, ќе доаѓа од десните бекови Мелвин Ричардсон (лани 87 гола во ЛШ) и Валентин Порт (46 гола), левото крило Метју Гребиј (25 погодока) и централниот бек Килиан Вилмино (31 гол), а од засилувањата, левиот португалски бек Жилберто Дуарте (пристигна од Барселона), француските крила Хуго Дека (од Динамо Б.) и Јанис Лен (од Барселона) и хрватскиот голман Марин Шего (од Сегед).

Еурофарм Работник ќе игра против португалскиот состав во кој се и централниот шпански бек Карлос Руезга (60 гола лани во ЛШ), кубанскиот бек Франкис Марзо (58 погодока), брзоногото српско лево крило Иван Никчевиќ (55 гола), како и португалскиот пикер Тиаго Роча (35 гола).

Победниците во групите А и Б ќе играат во четврт-финалето, а тимовите од второто до шестото место прво во осминафиналето. Најдобрите две екипи од групите Ц и Д ќе разигруваат меѓу себе, а победниците ќе настапат во осминафиналето.


ДВОЈКИ 1. КОЛО

ГРУПА А
Сегед – Барселона 17 ч.
Загреб – ПСЖ 20 ч.
Целје – Фленсбург утре, 17 ч.
Елверум – Алборг утре, 19 ч.
ГРУПА Б
Монпелје – Вардар 17.15 ч.
Порто – Мешков 18.30 ч.
Веспрем – Мотор утре, 17 ч.
Кил – Киелце утре, 19 ч.
ГРУПА Ц
Кокс – Савехов 25-30
Татран – Бидасоа 18 ч.
Еурофарм Р. – Спортинг утре, 17 ч.
ГРУПА Д
Кадетен – Динамо 28-28
Чеховски – Висла 15 ч.
Кристијанстад – Гог утре, 17 ч.