Македонските репрезентации во ракомет на песок со порази го почнаа и го завршија настапот во групната фаза на Европското првенство што се одржува во Старе Јаболки (Полска). Девојките во првото коло го загубија дуелот со Русија со 0-2, во второто беа поразени од Германија со истиот резултат, а пораз со 0-2 доживеаја и во дуелот со Данска. Во мечот од последното, четврто коло, македонските ракометарки ја имаа најдобрата партија, која во регуларниот тек од натпреварот заврши нерешено 1-1 со Украина, а по изведување на т.н. слободни контри (играч против голман) загубија со 8-6.

Момците, пак, во првото коло загубија од Украина со 0-2, во второто коло одиграа одличен меч против Италија, во кој по двете полувремиња беше изедначено 1-1. Многу поискусниот противник го доби мечот по изведување слободни контри, со 7-6. Во третото коло противник им беше искусниот состав на Хрватска, кој без многу напор славеше со 2-0. Во последниот меч од групата Ц, вчера доцна попладне, противник на Македонија беше Швајцарија. Во следната фаза Македонија ќе разигрува за пласман.