Ракометарките на ЖРК Металург го добија својот противник во првото квалификациско коло од ЕХФ Купот. Вицешампионките на Македонија ќе имаат тежок предизвик против францускиот тим Иси Париз.

Противникот има големо искуство во настапите во европските натпреварувања. Во својот состав, меѓу другите, ги има Норвежанката Хана Бреда Офтедал, Австријката Соња Фреј, Романката Крина Пинтеа итн.

Првиот натпревар на програмата е на 8/9 септември, а реваншот се игра седмица подоцна. Доколку Металург го надмине тимот од Париз, во второто коло повторно ќе се соочи со француски тим – Нант.

Женскиот ракометен клуб Пелистер, пак, денеска во Виена го доби својот противник во третото коло на Челинџ Купот.

Битолскиот тим беше носител пред денешната ждрепка и за противник го доби Ла Сале од Малта, кој е дебитант во европските купови.

Првиот натпревар, тимот од Битола ќе го игра на гости на 10 или 11 ноември, додека реваншот ќе биде седум дена подоцна.

Ракометарките на ЖРК Куманово ќе го стартуваат годинашното издание на Челинџ Купот против холандскиот тим „Геониус“. Првиот натпревар ќе се игра во истиот период во ноември.