Ако македонските кадети го освојат првото место на ЕХФ-шампионатот во Македонија, тие ќе остварат двојна добивка, ќе обезбедат место на европските првенства в година и во кадетска и во младинска конкуренција

РАКОМЕТ

Од 9 до 15 август Македонија ќе биде домаќин на кадетскиот шампионат на Европската ракометна федерација (ЕХФ) од дивизијата Б во машка конкуренција, потврди ЕХФ. Првично, шампионатот требаше да се одржи во април минатата година, но поради пандемијата на коронавирусот беше презакажан за јануари годинава, за потоа да биде одреден 9-15 август како нов датум за одигрување.
Селекцијата на Естонија го откажа учеството на првенството, така што во конкуренција останаа седум селекции, поделени во две групи. Во групата А ќе играат Македонија, Полска и Грција, а во групата Б ќе настапат селекциите на Швајцарија, Украина, Грузија и на Босна и Херцеговина.
Двете најдобропласирани репрезентации од двете групи ќе играат мечеви за пласман, по принцип првиот од групата А со вториот од групата Б и второпласираниот од групата А со првопласираниот од групата Б. Победниците ќе играат во финалето за првото место на шампионатот.
Ако македонските кадети го освојат првото место на ЕХФ-шампионатот, тие ќе остварат двојна добивка, односно ќе обезбедат место меѓу најдобрите 16 селекции на европските првенства в година и во кадетска и во младинска конкуренција.