На ранг-листата за сезоната 2020/2021 Македонија е трета, веднаш зад Германија и зад Франција. Пред десетина години Македонија беше 17-та, но тогаш почнаа големите успеси на меѓународната клупска сцена

Според пресметките на Европската ракометна федерација (ЕХФ), Македонија за сезоната 2020/2021 го има највисокиот клупски пласман во историјата на ранг-листата на ЕХФ. Македонските екипи, кои изминатите три сезони се натпреваруваа во рамките на Лигата на шампионите и на Купот на ЕХФ, со своите настапи и пласмани освоија вкупно 115 бода за најновата листа.
Ранг-листата за сезоната 2020/2021 се заснова врз резултатите од сезоните 2016/2017, 2017/2018 и 2018/2019, така што во пресметката за пласманот на Македонија за наредната сезона се влезени бодовите од двете шампионски титули на Вардар и уште еден настап на фајналфорот, трите учества на Металург во ЛШ, како и настапите на Еурофарм Работник во групната фаза во Купот на ЕХФ и на Прилеп, Охрид и Пролет во мечевите од првото до третото коло во Купот на ЕХФ.

Почнувајќи од сезоната 2008/2009, ЕХФ подготвува клупски рејтинг на земјите-учеснички во натпреварувањата од ЛШ и Купот на ЕХФ како основа за распределба на местата во тие две натпреварувања во следните сезони. На првата клупска ранг-листа Македонија ја имаше 14-та позиција, со 27,25 бода, а за сезоната 2009/2010 Македонија беше рангирана на 17-то место, со 23,33 бода.
Евидентен напредокот на рејтинг-листата, со пласман на осмото место, Македонија забележа во сезоната 2015/2016, кога во подготвувањето на рејтингот беа влезени по две четвртфиналиња на Металург и на Вардар во ЛШ, настапот на Зомимак во групната фаза на Купот на ЕХФ и настапот на Вардар во 3-то коло на Купот на ЕХФ. Титулата на Вардар во сезоната 2016/2017 ѝ го донесе седмото место на Македонија на клупски план, а најновиот пласман на Македонија ѝ донесе скок од четири места на европската клупска листа.

Сега пред Македонија се само Германија и Франција. Според моментниот ранг, Македонија и во следните три години ќе има загарантирано место за шампионот во новата верзија на Лигата на шампионите.
Во сезоната 2020/2021 загарантирано место во ЛШ ќе имаат шампионите на земјите рангирани од првото до деветтото место, десеттото место во ЛШ ќе му припадне на актуелниот освојувач на Купот на ЕХФ, преостанатите шест места ЕХФ ќе ги распредели според бодувањето од каталогот за критериуми. Право на апликација ќе имаат шампионите на земјите рангирани од 10-то до 30-то место, а право за барање за уште едно место во ЛШ ќе имаат земјите рангирани од првото до деветтото место.