Фото: Маја Јаневска-Илиева

По триумфот на турнирот во Романија, селекторот Брестовац вчера одбра 20 ракометари за завршните подготовки во Словенија, пред шестиот настап на континенталното првенство

Македонската машка ракометна репрезентација со трофеј ја заокружи годината и првиот дел од подготовките за Европското првенство (ЕП) во јануари во Австрија, Норвешка и во Шведска. На меѓународниот турнир „Трофеј Карпати“, подмладената репрезентација на селекторот Данило Брестовац славеше победа во финалето над домаќинот Романија со 24-20 (10-12).
Лидери во победата беа левиот бек Марио Танкоски во нападот и голманот Никола Митревски (11 одбрани), па со право ги освоија и индивидуалните признанија, најдобар играч (МВП), односно најдобар голман. Претходно во полуфиналето Македонија ја совлада селекцијата на Алжир (24-23).

Три победи и еден пораз е ефектот во оваа фаза на подготовките, по која селекторот доби јасна слика за репрезентативците кои ќе бидат дел од тимот што ќе ја одработи завршната фаза од подготовките во Словенија. На подготовките ќе патуваат 20 ракометари, а дефинирањето на списокот ќе биде по двата тест-меча, со Словенија (3 јануари) и со Црна Гора (5 јануари) по кои Брестовац ќе треба да се одлучи кој ќе настапи на ЕП, каде што Македонија е во група со Украина (меч на 10 јануари), Чешка (12 јануари) и со Австрија (14 јануари, сите три меча се играат во Виена). Првите две селекции од секоја од шесте групи ќе се пласираат во главната фаза на ЕП. 


СОСТАВ за подготовките во словенија
ГОЛМАНИ: Борко Ристовски, Никола Митревски, Мартин Томовски
КРИЛА: Дејан Манасков, Бојан Маџовски, Гоце Георгиевски, Мартин Поповски, Ненад Костески
БЕКОВИ: Кирил Лазаров, Филип Талески, Филип Кузмановски, Велко Марковски, Мартин Велковски, Марио Танкоски, Горан Крстевски, Марко Мишевски, Мартин Серафимов
ПИКЕРИ: Стојанче Стоилов, Никола Марковски, Жарко Пешевски