Фото: Маја Јаневска-Илиева

И за овој мундијалски собир селекторот ќе се потпре на проверени сили, без некои посебни измени, но, сепак, просечната возраст на 28-те повикани ракометари за подготовките за СП 2019 е 27,2 години (за ЕП 2018 беше 28 години, а за СП 2017 – 29,2 години)

Селекторот на македонската машка сениорска репрезентација Раул Гонзалез го објави списокот со 28 ракометари на кои ќе смета во подготовките за претстојното Светско првенство (СП) што треба да се игра во Германија и во Данска, од 10 до 27 јануари 2019 година. И за овој мундијалски собир селекторот ќе се потпре на проверени сили, без некои посебни измени. На списокот на селекторот има 15 ракометари од македонските тимови, од кои шест од Металург, пет од Еурофарм, три од Вардар и еден од Пролет, како и 13 интернационалци.

Просечната возраст на 28-те ракометари е 27,2 години. На списоците за подготовките за ЕП 2018 просечната возраст беше 28 години, а за СП 2017 – 29,2 години. Во сегашниот состав на Гонзалез најмлади се тинејџерите Мартин Серафимов и Марко Мишевски, а на списокот се и младите Димитар Димитриоски, Томи Јагуриновски, Марио Танкоски, Милан Лазаревски, Мартин Томовски, како и малку поискусните Филип Талески, Филип Кузмановски, Горан Крстевски…
За селекцијата на Македонија ова ќе биде шести настап на мундијалите, односно четврти во низа. Најдобриот пласман е остварен на Светското првенство во 2015 во Катар, кога беше освоено деветтото место.

На претстојното СП, Македонија ќе игра во групата Б заедно со селекциите на Хрватска, Шпанија, Исланд, Јапонија и на Бахреин, а натпреварите од групната фаза ќе се играат во Минхен (Германија). Пласман во следната рунда ќе обезбедат трите најдобропласирани селекции од групите, по што ќе се формираат две нови групи со пренесени бодови од првата фаза (групата Б ќе вкрсти со групата А, во која се Франција, Русија, Германија, Србија, Бразил и заедничката селекција на Кореја).
Прв противник на Македонија на СП 2019 ќе биде селекцијата на Јапонија (11 јануари), на 13 јануари противник ќе биде Бахреин, еден ден подоцна треба да игра со Хрватска, на 16 јануари е мечот со Шпанија, а во последното коло противник на Македонија ќе биде селекцијата на Исланд, со која Македонија е во група и во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2020 година. 


ОД СП почнува и патот кон ЛОИ 2020

Со Светското првенство во 2019 година во Данска и во Германија почнува и квалификацискиот циклус за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио во 2020 година. Новиот светски првак ќе обезбеди директен пласман на Игрите, а селекциите што ќе обезбедат висок пласман (најчесто до осмото-деветтото место) и пред сѐ во зависност од разврските во другите континентални шампионати, ќе играат во квалификациите за ЛОИ. Македонија досега двапати играше во квалификациите за ЛОИ, прво за ЛОИ 2012 во Лондон (пласман обезбеден со петтото место на ЕП 2012), а потоа и за ЛОИ 2016 во Рио де Жанеиро (преку деветтото место на СП 2015).