Не треба сега да се предадеме и сѐ што градевме досега да фрлиме во вода. Треба да ги засукаме ракавите и уште повеќе да се работи. Овие млади играчи се наш голем потенцијал

Македонската машка ракометна репрезентација првпат од 2009 година, откако оваа генерација го почна походот кон ракометна Европа, се враќа од големо натпреварување со непомината групна фаза. Македонските ракометари не успеаја да го совладаат Исланд во последниот меч од групата Б, загубија со 22-24, иако на полувреме имаа предност од два гола, 13-11.

Свесен за пропуштената можност на СП и за реалните можности на подмладената селекција, капитенот на репрезентацијата, Кирил Лазаров повика на поддршка за младите играчи, кои се иднината на македонскиот ракомет.

– Уште пред почетокот на првенството кажав дека пласман во втора фаза со вака подмладена репрезентација ќе биде еднаков на светско чудо. Овде дојдовме со детска градинка, но сепак имам само пофални зборови за младите, кои допрва треба да се пробијат во репрезентацијата. Овие млади играчи се наш голем потенцијал. И јас сум бил млад играч и знам како е бидејќи на почетокот од кариерата сум имал многу промашени натпревари, кои ми донеле големо искуство. Токму ваквите натпревари многу значат за овие млади момци во собирањето на искуство, кое многу ќе им значи во иднина. Затоа мора да им дадеме поддршка, бидејќи иднината на македонскиот ракомет е пред нив – истакна Лазаров по пропуштената шанса за пласман меѓу најдобрите 12 селекции.

Капитенот секогаш бил и ќе остане оптимист и, според него, нереализираната амбиција за поминувањето во втора фаза на СП во Германија и во Данска не треба да ја демотивираат и обесхрабрат репрезентацијата, напротив, секогаш треба да се имаат нови мотиви и нови цели.

– Факт е дека не успеавме во реализацијата на нашите амбиции, но ова невлегување меѓу најдобрите 12 селекции на СП не треба да нѐ демотивира, туку напротив, да нѐ охрабри сите да веруваме во генерацијата што доаѓа. Треба да ги засукаме ракавите и уште повеќе да се работи. Не треба сега да се предадеме и се што градевме досега да фрлиме во вода. Исто така, факт е дека потајно посакувавме олимписки квалификации, но знаевме дека тоа ќе биде тешко остварливо. Блиску сме до пласман на Европското првенство што ќе се игра во 2020 година и преку тие натпревари ќе имаме уште една шанса за пласман во квалификациите на ЛОИ 2020. Токму затоа не треба да се откажуваме. Грешките што ги направивме ќе се потрудиме да ги поправиме. Одиме понатаму со крената глава. Во спортот има и победи и порази и затоа мора стоечки да се носиме со овој пораз и да продолжиме цврсто и борбено во следните два меча во Келн, па со победи да се збогуваме од ова СП – додаде Лазаров.
По поразот од Исланд, македонската селекција ќе продолжи во Келн каде што во Президент-купот ќе разигрува за пласман од 13-то до 16-то место. Прв противник на Македонија ќе ѝ биде селекцијата на Русија, а потоа во зависност од исходот на тој меч, ќе игра со подобриот или послабиот од дуелот меѓу Катар и Чиле.