Во квалификациската група 2 се Македонија, Исланд, Литванија и Грција, а во баражот ќе играат најдобрите две селекции. Македонија беше домаќин и на квалификациски турнир за СП 2019, по кој се пласира во доигрувањето

РАКОМЕТ

Женската сениорската ракометна репрезентација на Македонија ќе има шанса на домашен терен да се избори за место во баражот за пласман на Светското првенство, кое во декември 2021 година треба да се одржи во Шпанија.
Првично домаќинството на квалификациската група 2, во која покрај селекцијата на Македонија се и репрезентациите на Исланд, Литванија и Грција, го имаше Грција, но по нивното откажување Ракометната федерација на Македонија (РФМ) прифати да го организира турнирот.
Ова е вторпат едноподруго Македонија да биде домаќин на квалификациски турнир за пласман во бараж за СП. Во претходниот циклус за Мундијалот во 2019 година, македонската репрезентација на домашен терен го освои првото место во квалификациската група, но во бараж-дуелот беше запрена од селекцијата на Словенија.
Квалификацискиот турнир треба да се игра во Скопје од 4 до 6 декември, а пласман во баражот обезбедуваат двете најдобропласирани селекции од групата.