Европската ракометна федерација (ЕХФ) донесе повеќе контроверзни одлуки поради пандемијата на корона вирусот кои посебно го засегаат македонскиот ракомет – машката репрезентација нема да добие шанса да игра против Франција во квалификациите за Светското првенство, додека РК Вардар нема да добие шанса да ја брани европската титула.

Извршниот комитет на ЕХФ донесе одлука во Лигата на шампионите да се откажат дуелите од осминафиналето и четврт-финалето, што значи дека Вардар и Пик Сегед нема да имаат шанса да ги одмерат силите и директно да се организира Фајнал фор турнир во Келн на 28 и 29 декември помеѓу четирите најдобропласирани екипи во А и Б групите: Барселона, Пари Сен-Жермен, Кил и Веспрем.

ЕХФ исто така ги откажа и квалификациите за Светското првенство во 2021 година, каде што Македонија требаше да ги одмери силите со Франција, и директно ги квалификуваше најдоброрангираните репрезентации: Словенија, Германија, Португалија, Шведска, Австрија, Унгарија, Белорусија, Исланд, Чешка и Франција, кои ќе се прикчучат на Шпанија, Хрватска и Норвешка (кои се квалификуваа преку пласманот на Евро 2020) и Данска како актуелен шампион.