Ракометната репрезентација на Македонија одлично го отвори мечот и пружи отпор во првите 22 минути, но сепак, немаше сили за изненадување против фаворизираната Словенија од која загуби со 21-31, на почетокот од втората фаза на Светското првенство.

Избраниците на Данило Брестовац играа рамноправно се до резултатот 9-9 во 22-та минута, кога ривалот ги искористи деветте минути на Македонија без гол за да го заврши полувремето со водство од 13-9. Словенците со добра игра во одбраната ги користеа техничките грешки на „црвено-жолтите“ за да постигнуваат голови. Тие во второто полувреме успеаја и да ја зголемат предноста за да остварат убедлива победа.

Капитенот Кирил Лазаров беше најефикасен кај Македонија со пет гола, додека кај Словенија најпрецизен беше Драган Гајиќ со седум погодоци. Словенечкиот голман Урбан Лесјак кој имаше 17 одбрани беше прогласен за играч на мечот. Никола Митревски и Мартин Томовски забележаа осум, односно пет интервенции на голот на Македонија.

Во преостанатите денешни мечеви од новоформираната група 4 во која се наоѓа Македонија, Русија ќе игра против домаќинот Египет од 18 часот, а Шведска ќе се сретне со Белорусија од 20.30 часот.

Македонија в петок ќе се соочи против Русија, а в недела против Белорусија. Првопласираните две селекции од групата ќе се пласираат во четврт-финалето.