Фото: Маја Јаневска-Илиева

Натпреварот помеѓу овие две селекции е закажан за 11 јануари во 15.30 часот во Минхен, Германија

Организаторите на претстојното Светско ракометно првенство (СП) што ќе се игра во јануари идната година во Германија и во Данска, ги објавија точните термини и саатници во кои ќе се одигруваат натпреварите.

Македонската машка ракометна репрезентација ќе ја има честа да ги отвори натпреварите од групната фаза во групата Б, што ќе се игра во Минхен, Германија. Мечот меѓу Јапонија и Македонија е закажан за петок 11 јануари во 15.30 часот. Вториот меч црвено-жолтите ќе го играат на 13 јануари (недела) во 14 часот против Бахреин, а следниот ден, на 14 јануари во 18 часот, ривал на Македонија ќе ѝ биде селекцијата на Хрватска. На 16 јануари (среда) во 20.30 часот Македонија за противник ќе го има актуелниот европски првак Шпанија, додека, пак, мечот со Исланд, кој се очекува да биде клучен за Македонија, е закажан за 17 јануари (четврток) со почеток во 18 часот.

Со промената на системот на натпреварување на светските шампионати, пласман во следната рунда обезбедуваат најдобрите три селекции во групите, наместо досегашните четири од секоја група.

Светската ракометна федерација (ИХФ) ги објави и имињата на судиските двојки што ќе ја делат правдата на СП во Германија и во Данска. На листата доминираат судиските двојки од Европа, меѓу кои и најдобрата македонска двојка, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов. Само три судиски двојки не се од Европа.