Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонската машка јуниорска ракометна репрезентација обезбеди место во синоќешното финале на шампионатот на Европската ракометна федерација (ЕХФ), дивизија Б, со победата на пенали над Фарските Острови

По драматичната победа над селекцијата на Фарски Острови со 27-25 (13-12, 23-23), која се решаваше на пенали, македонската машка јуниорска ракометна репрезентација обезбеди место во синоќешното финале на шампионатот на Европската ракометна федерација (ЕХФ), дивизија Б, што се игра во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.

За противник во финалето Македонија ја имаше селекцијата на Белорусија, која во другиот полуфинален меч ја надигра Швајцарија со 33-27. Победникот во синоќешното финале ќе обезбеди директно место на следното Европско првенство за јуниори, во 2020 година.

– Среќни сме за победата, која вистински ја заслуживме. Многу нѐ намачија со играта седум на шест. Многу е тешко 50 минути да се браниш со седум на шест, особено што моравме да менуваме двајца ракометари за да се приспособиме на играчите кои напаѓаат. Во напад проблем ни беше реализацијата, а можеби и лошата ротација од моја страна придонесе за тоа. Промашивме многу чисти шутеви во напад, но примивме мал број голови благодарение на одбраната, која добро функционираше – анализира селекторот Данило Брестовац.

Македонија и Белорусија и пред две години беа дел од шампионатите на ЕХФ, дивизијата Б, кои се играа во Бугарија, Грузија и во Литванија. Македонија на шампионат во Бугарија заврши на четвртата позиција по поразот од Фарски Острови на пенали (32-33), а Белорусија на шампионатот во Грузија загуби во финалето со 27-26 од Романија. И составите на играчи е речиси ист од пред две години.

И овој пат лидер и прв стрелец во селекцијата на Белорусија е левиот бек на Минск, Михаил Алиохкин со 37 реализации, кој има одлична поддршка од своите клупски другари централниот бек Артур Рудз (27 гола), левото крило/бек Димитри Кмиалку (17), централниот бек Јулиан Хирик (22) и голманот Кирил Мукасеи. На десната страна го имаат одличниот 18-годишен десен бек од Мешков Брест, Јахор Будзеика (23 гола).
На другиот турнир од дивизијата Б, во Црна Гора, во финалето играа Чешка и Австрија. Синоќа се играше и финалето на јуниорското ЕП од дивизијата А во Словенија, каде што Словенците за противник ја имаа селекцијата на Франција, чија генерација беше кадетски европски првак на ЕП 2016 година во Хрватска, а Словенија тогаш беше четвртопласирана.