Португалија сега е осма, далеку зад Македонија: Момент од мечот Металург - Спортинг во минатата сезона (Фото: Игор Бансколиев)

На новата ранг-листа на ЕХФ за клупската сезона 2019/2020, Македонија е седма, со поголема разлика од лани пред осмопласираната (сега Португалија, на претходната листа беше Хрватска) и со само 5,5 бода зад Данска на 6-то место

Македонските екипи учеснички во Лигата на шампиони (ЛШ) и во Купот на ЕХФ со своите резултати го задржаа минатогодишниот рејтинг и остануваат на седмата позиција на листата на Европската ракометна федерација (ЕХФ), која носи едно загарантирано место во ЛШ и три во Купот на ЕХФ за сезоната 2019/2020. Според бодовите, Македонија (58,11) и понатаму е далеку пред земјите што се пласирани од осмата до 13-та позиција, со доволно бодови да биде мирна меѓу најдобрите седум во Европа во моментов на клупски план. Португалија сега е осма со 36,33 поени, а лани тоа беше Хрватска со 42,25 (тогаш Македонија имаше 51,22). На шестото место е Данска со 63,67 поени.
Високиот рејтинг на Македонија се должи на двете учества на фајналфор-турнирите на Вардар и постојаното играње на Металург во групната фаза. ЕХФ за листите ги смета последните три сезони. Со одличните резултати, скок од три позиции забележа Франција, која се најде на првата позиција на листата, потиснувајќи ја Шпанија на третата позиција.
Првите две позиции сега ги имаат Франција (146,67 бода) и Германија (130,33) и само тие имаат право на пет екипи во европските купови. Со оглед на тоа што сезонава Франција доби дури три места во ЛШ, во Купот на ЕХФ ќе има само два претставника, а Германија годинава ќе има два тима во ЛШ и три во Купот на ЕХФ. Поради лошата сезона на Веспрем, пад од третата на четвртата позиција доживеа Унгарија, а со пад од две позиции од осмата на 10-та и од 10-та на 12-та се соочија Хрватска и Словенија.
Претставници на Македонија во новата сезона на европската сцена ќе бидат Вардар и Металург во ЛШ и Еурофарм и Пролет во Купот на ЕХФ.