Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ракометната репрезентација на Македонија го совлада актуелниот светски и олимписки првак Данска со 33-29 во сензационалното селекторско деби на Кирил Лазаров, во мечот од квалификациите за Европското првенство в година, одигран вечерва во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.

Предводена од Филип Талески (пет гола од исто толку обиди) и од Мартин Велковски (три гола од три шута) кои имаа совршена реализација во првото полувреме, како и од расположениот голман Никола Митревски кој забележа девет одбрани, Македонија стекна предност од четири погодоци (17-13) против фаворизираниот ривал по првите 30 минути.

Лазаров влезе во игра во 12-та минута, додека искусниот Филип Миркуловски доби прилика во 16-та минута во неговото враќање во националната селекција.

Црвено-жолтите беа одлични и во вториот дел кога со серија од четири погодоци стигнаа до предност од осум гола во 43-та минута (25-17), која се покажа како одлучувачка. Гостите се обидуваа и со игра седум на шест во нападот, но тоа не им донесе резултат.

Талески, Филип Кузмановски и Дејан Манасков беа најефикасни кај Македонија со по пет гола, додека најдобриот ракометар на изминатото Светско првенство во Египет, Микел Хансен, постигна 11 погодоци за Данска. Митревски го заврши мечот со 13 одбрани.

Македонија има три победи во исто толку средби на врвот на табелата во групата 7, пред Данска која има две победи и еден пораз, а потоа следуваат Швајцарија (една победа и два пораза) и Финска (три порази). Македонија в недела гостува во Данска во следниот дуел од квалификациите.

На ЕП ќе играат првопласираните две репрезентации од секоја од осумте групи, како и четири најдобри меѓу третопласираните.