Македонската репрезентација оствари една победа и пет порази и оствари пласман од 22-то до 24-то место (во зависност од синоќешните дуели во групите 1 и 2 во втората групна фаза)

Македонската машка ракометна репрезентација, со една победа и пет порази, го заврши настапот на 27-то Светското првенство (СП), кое се игра во Египет. Македонија својот седми настап на СП го оствари како прва резерва, по откажувањето на селекцијата на Чешка поради големиот број позитивни случаи на коронавирус во нејзиниот табор.
Македонските ракометари прво играа во групата Ф, во која забележаа два пораза, од Шведска (32-20 и од Египет (38-19), а беа подобри во дуелот со Чиле (32-29). Победата над Чиле на репрезентацијата на Македонија ѝ донесе пласман во главната рунда од натпреварувањето, во кое по вкрстувањето со репрезентациите на Словенија, Русија и на Белорусија забележа уште три порази (31-21, 32-20, односно 30-26, во мечот од последното коло во групата 4) и оствари пласман од 22-то до 24-то место (во зависност од синоќешните дуели во групите 1 и 2 во втората групна фаза).
Репрезентацијата на Македонија во Египет постигна 22,8 гола по меч и прими 32 гола по натпревар. На претходните пет СП просекот на македонскиот напад бил 28 гола (најдобар на СП 2015, со 30,1 гол по меч), а одбраната примала во просек по 28,4 гола по меч (28 е најдобриот просек на СП 2015). На ова СП е намален и бројот на асистенции, 71, или 11,8 по натпревар, а 15 асистенции по меч е просекот на петте претходни првенства. Најтимски Македонија играше на СП во Катар во 2015 година, кога просекот беше 18 асистенции по меч.

Црвено-жолтите досега на СП одиграа 45 натпревари, во кои забележаа 17 победи, од кои четири над европски селекции (БиХ, Австрија, Полска и Русија) и 13 над неевропски репрезентации, две ремија (Исланд и Русија) и 26 порази (по три од Словенија и од Германија, по два од Русија, Хрватска, Шпанија, Исланд, Норвешка, Данска и од Египет и по еден од Куба, Бразил, Тунис, Србија, Белорусија и од Шведска). 


МАКЕДОНИЈА НА СП 2021

постигнати голови 138 (22,8)
асистенции 71 (11,8)
технички грешки 68 (11,3)
примени голови 192 (32)
украдени топки 15 (2,5)
блокирани удари 4 (0,6)
исклучувања 23 (3,8)
одбрани на голмани 67 (11,1)

во заграда е просекот по меч