Задоволен сум од прикажаното на натпреварите со Турција и со Италија, иако секогаш може и мора подобро, вели Брестовац, пред средбите денеска и утре со Грузија во Скопје, како подготовка за ЕП во јануари

По двата контролни натпревари со селекциите на Турција и на Италија во кои подмладената ракометна репрезентација на Македонија оствари по една победа (26-23 со Турција) и реми (26-26 со Италија), денеска (20 ч., пренос на Телма) и утре (16 ч.) во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје македонските репрезентативци ќе одиграат уште два контролни меча, со Грузија. Влезот е слободен за двата меча со Грузија.

Четирите пријателски натпревари, кои македонските репрезентативци ќе ги одиграат за време на репрезентативната недела на Европската ракометна федерација (ЕХФ), се прва фаза од подготовките за настап на Европското првенство (ЕП) во јануари во Австрија, Норвешка и во Шведска. Селекторот Данило Брестовац оваа фаза од подготовките ја искористи да ги испроба можностите и квалитетите на помладите репрезентативци од својот список, со кои планира да ги освежи редовите на сениорската репрезентација за претстојното ЕП.

– Задоволен сум од прикажаното на натпреварите со Турција и со Италија, иако секогаш може и мора подобро. Шанса за игра добија сите од составот, така што допрва ќе следуваат анализи на сработеното и за одиграното. Останува да ги одиграме и двата меча со Грузија за да имам конечна слика – ни изјави Брестовац.
Селекцијата на Грузија, на чело со поранешниот македонски селектор Драган Ѓукиќ, неделата на ЕХФ се одлучи да ја помине во Македонија. Грузијците четири дена тренираа во СЦ „Борис Трајковски“, а денеска и утре ќе ги одмерат силите со македонскиот национален тим во чии редови ќе се приклучат и капитенот Кирил Лазаров, голманот Борко Ристовски, левото крило Дејан Манасков и бековите Филип Талески и Филип Кузмановски.

За Македонија и за Грузија ова ќе бидат први меѓусебни дуели. Голем број од грузиските репрезентативци се или биле дел од македонски тимови. Покрај Иракли Кбилашвили, кој сезонава настапува за Металург и Лексо Цителишвили, кој ги брани боите на Охрид, дел од грузискиот состав се и Гиорги Дикаминџиа, кој минатата сезона играше за Струга и Теимураз Орјоникидзе, кој настапуваше за Прилеп и за Пелистер. Интернационалци во редовите на Грузија се и Ерекле Арсенишвили, кој игра во португалскиот шампионат во Брага како и Гиорги Тсховребадзе, кој е дел од францускиот вицепрвак Монпелје. Другите ракометари се од грузиското првенство.
На ЕП 2020 Македонија ќе игра во групата Б во Виена, каде што за првите две места што обезбедуваат пласман во следната групна фаза ќе игра со Чешка, Австрија и со Украина.