Македонската ракометна репрезентација го претрпе вториот пораз на Светското првенство, овој пат од домаќинот Египет со 19-38 во денешниот меч од второто коло од групата Г, одигран во Каиро. „Црвено-жолтите“ претходно загубија од Шведска со 20-32. А Египќаните славеа и во првиот дуел против Чиле, со 35-29.

Египет лесно ја пробиваше македонската одбрана и стекна висока предност од 20-6 во првото полувреме, со беше извесно дека ќе ја добие средбата.

Селекторот Данило Брестовац затоа во вториот дел реши да им даде прилика на помладите ракометари, а да ги сочува поискусните како капитенот Кирил Лазаров и Стојанче Стоилов за решавачкиот дуел од третото коло.

Лазаров, Жарко Пешевски и Никола Маркоски беа најефикасни кај Македонија со по три гола, додека кај Египет предничеше Мамдух Шебиб со осум погодоци. Филип Кузмановски доби црвен картон во 19-та минута, што веројатно беше престрога судиска одлука. Голманот Мартин Томовски имаше забележителен настап со осум одбрани.

По воведните два пораза од Шведска и од Египет, Македонија шансата за понатамошен пласман ќе ја бара во последниот меч од групата Г против Чиле, што се игра задутре (од 15.30 часот). Чилеанците вечерва ќе се сретнат со Шведска (20.30 ч.).