Фото: Маја Јаневска-Илиева

Нема да дозволиме опуштање, бидејќи ние сме победници, со голема желба, љубов и ентузијазам за работа, рече селекторот и капитен на македонската репрезентација Кирил Лазаров, пред денешниот дуел со Финска

РАКОМЕТ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2022

Максимално сериозно пристапуваме на овие два дуела и покрај тоа што сме свесни дека имаме остварен пласман на Европското првенство. Нема да дозволиме опуштање, бидејќи ние сме победници, со голема желба, љубов и ентузијазам за работа, рече селекторот и капитен на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров, во пресрет на денешниот дуел (од 17 часот, пренос на МТВ) со Финска.
Македонската репрезентација гостува во Рихимаки во меч од 5-то квалификациско коло за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2022 година во Унгарија и во Словачка.
– Ги анализиравме Финците и знаеме што да очекуваме од тој меч. Не може да нѐ изненадат, повеќе или помалку подготвени сме за тој натпревар затоа што веќе фативме и рутина на системот во кој играме. Ја прифаќаме фаворитската улога против Финска, треба да се испочитуваме самите себе, бидејќи ние сме ракометна нација и клупски и на репрезентативно ниво. Така треба да се поставиме и секој да си го преземе својот дел од одговорноста, прво јас како селектор, а потоа и секој од играчите. Не треба да се сомневаме во победа над Финска, иако имаме голем респект за нив и за нивниот ракомет – рече Лазаров.

Во досегашниот дел од квалификациите, Финска ги загуби сите четири дуели, два со Швајцарија (32-19 дома, 32-30 на гости) еден од Данска (40-22 дома) и еден со Македонија (33-24 на гости). Единствениот настап на големите натпреварувања Финците го имаа во 1958 година на Светското првенство во Германија кога го освоија 12-то место.
По четири кола, Македонија има шест бода и е на втората позиција на табелата во групата 7, во која шест бода има и Данска, Швајцарија има четири, а Финска е без бодови. Пласман на ЕП 2022 ќе обезбедат двете најдобропласирани репрезентации од секоја од осумте групи, како и четири најдобри меѓу третопласираните селекции во групите.