Рекордите се само плод на долготрајна посветена работа и вложен труд. Секогаш пред себе поставувам високи цели, но никогаш конкретни од овој тип, вели Лазаров, кој покрај тоа што е рекордер според постигнати голови, сега е рекордер и според бројот на настапи во ЛШ. Нант го победи Киелце и ќе игра во четврт-финалето на ЛШ

РАКОМЕТ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

На крилата на македонскиот капитен и селектор Кирил Лазаров, францускиот вицепрвак Нант третпат обезбеди место во четврт-финалето на Лигата на шампионите (ЛШ) во ракомет, победувајќи го на гости полскиот првак Киелце со 34-31, во реваншот од осминафиналето. Првиот меч во Нант го добија Полјаците со 25-24. Со два гола и четири асистенции во последните десетина минути од мечот, Лазаров ја потврди својата големина во моментите кога се решаваше победникот.
– Среќни сме што направивме големо изненадување, кое речиси никој не го очекуваше. Мислам дека и во првиот натпревар заслуживме победа, но не го исконтролиравме натпреварот докрај, па се направија многу технички грешки, кои на ова ниво на игра се недозволиви и противникот те казнува во краток период. Но затоа, во реваншот покажавме карактер и стабилност во тешките моменти, иако не бевме комплетни – изјави Лазаров.

Реваншот со Киелце беше 250-ти меч за македонскиот капитен во елитното европско клупско натпреварување (за Борец, Пелистер, Загреб, Веспрем, Сиудад Реал, Атлетико Мадрид, Барселона и за Нант), со кој запишува уште еден рекорд на својата богата кариера и стана апсолутен рекордер според бројот на настапи во ЛШ. Лазаров е и најдобар стрелец на сите времиња во ЛШ, а рекордер е и според бројот на одиграни сезони во ЛШ, 20 досега.
– Рекордите се само плод на долготрајна посветена работа и вложен труд. Секогаш пред себе поставувам високи цели, но никогаш конкретни од овој тип. Резултатите од трудот некогаш доаѓаат кога најмалку ги очекуваш, но доколку анализирам низ годините, низ сѐ што сум поминал, тогаш заклучокот е дека сите се заслужени и очекувани – вели Лазаров.

Противник на Нант на патот кон фајналфор-турнирот во Келн ќе биде вкупниот победник од двомечот Веспрем – Вардар, чиј реванш се играше синоќа. Актуелниот европски првак Кил и Алборг се пласираа во четврт-финалето, каде што претходно место обезбедија и Барселона и Фленсбург. Алборг првпат во својата клупска историја обезбеди место во четврт-финалето на ЛШ и за пласман на фајналфор-турнирот ќе игра со Фленсбург. Во четврт-финалето Барселона ќе се сретне со победникот од двомечот Мотор – Мешков, а Кил со победникот од дуелот ПСЖ – Целје.


ЛШ, ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ

Фленсбург – Алборг
Барселона – Мотор/Мешков
Кил – ПСЖ/Целје
Нант – Веспрем/Вардар