Шпанецот Гарсија, пак, е рекордер според бројот на голови постигнати на еден меч на фајналфор-турнирите (13), Барселона деветти пат ќе игра во Келн, деветти пат и Исланѓанецот Палмарсон…

РАКОМЕТ – ЕХФ ВО ПРЕСРЕТ НА МЕЧЕВИТЕ ЗА ЕВРОПСКАТА ТИТУЛА ВО КЕЛН

Во пресрет на 12-то издание на фајналфор-турнирот во Лигата на шампионите (ЛШ), на 12 и 13 јуни во Келн, Германија (полуфиналиња Барселона – Нант и ПСЖ – Алборг), Европската ракометна федерација (ЕХФ) потсети на најимпресивните бројки и факти што ги обележија изминатите 11 изданија. Капитенот и селектор на македонската репрезентација Кирил Лазаров е рекордер и во статистиките за фајналфор-турнирите, кога станува збор за постигнати голови. Со вкупно 65 погодоци за Атлетико Мадрид, Барселона и за Нант, Лазаров е најдобар стрелец на сите времиња на фајналфор-турнирите, пред Момир Илиќ со 58, Арон Палмарсон и Филип Јиха со по 56… За Лазаров ова ќе биде седми фајналфор-турнир во кариерата.
Шпанецот Хуан Гарсија, пак, е рекордер според бројот на голови постигнати на еден меч на фајналфор (13) и на еден завршен турнир (21). На првиот ваков турнир во 2010 година, Гарсија во полуфиналето со Кил постигна 13 гола, а во мечот со Чеховски медведи за третото место уште осум. Втор на листата е Петар Ненадиќ (Веспрем), со 12 постигнати гола во полуфиналето со Киелце во 2019 година, а трет е актуелниот тренер на Кил, Јиха, со 11 гола во финалето во 2010 година.

Ниту еден клуб во досегашните 11 фајналфор-изданија не успеал да ја одбрани титулата европски првак, а десното крило Иван Чупиќ е единствениот играч што ја освоил титулата две години по ред (во 2016 година со Киелце и во 2017-та со Вардар) и единствен играч што има три титули од Келн. Досега само двајца тренери по двапати ја освоиле титулата во Келн, Алфред Гисласон со Кил во 2010 и во 2012-та и Чави Пасквал со Барселона во 2011 и во 2015 година. Вклучувајќи ја и сезонава, Барселона деветти пат ќе игра на фајналфорот во Келн, а на таа листа зад неа се Кил со седум учества, Веспрем со шест, ПСЖ со пет итн. Деветти пат на фајналфорот во Келн ќе игра Исланѓанецот Палмарсон, кој досега пет пати играше со Кил и по двапати со Веспрем и со Барселона.