Фото: Игор Бансколиев

Горд сум со оствареното во овие 22 репрезентативни години, а како посебно за мене би го издвоил СП во Хрватска. Еден гол е еден гол и затоа секој гол е еднакво важен, изјави, меѓу другото, капитенот Лазаров во интервју за ИХФ, која, пак, му посвети посебен прилог по повод јубилејот

КАПИТЕНОТ ГО ПОСТИГНА 500-ОТ ГОЛ НА ГОЛЕМИТЕ НАТПРЕВАРУВАЊА

Капитенот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, во последниот меч на Светското првенство (СП) во Египет запиша уште еден голгетерски рекорд во својата богата кариера. На мечот со Белорусија, кој заврши со победа на белорускиот состав со 30-26, Лазаров беше стрелец на седум гола, со кои стигна до бројка од 500 погодока на големите натпреварувања (европски и светски првенства). На тој меч Лазаров вторпат на Мундијалот во Египет го понесе признанието за играч на натпреварот.
Со ефект од 92 гола од Светското првенство во Хрватска пред 12 години, Лазаров е актуелен рекордер според бројот на постигнати голови на едно СП. Според статистиките од седумте одиграни мундијали и петте европски првенства (ЕП) во дресот на Македонија, Лазаров зад своето име има запишано 500 гола, од кои 318 на СП и 182 на ЕП.
Лазаров како тинејџер, пред 22 години, дебитира во сениорската репрезентација на СП 1999, исто така, во Египет, што беше и прво учество на СП за Македонија во историјата.
– Среќен сум и задоволен што играм на ова СП, горд сум со оствареното во овие 22 репрезентативни години, а како посебно за мене би го издвоил СП во Хрватска, на кое го имав мојот најдобар перформанс. Еден гол е еден гол и затоа секој гол е еднакво важен – изјави, меѓу другото, капитенот Лазаров во интервју за Светската ракометна федерација (ИХФ) на Мундијалот во Египет, која, пак, му посвети посебен прилог по повод јубилејот. 


ЕФЕКТ НА ЛАЗАРОВ НА ЕП И НА СП

ПРВЕНСТВО                  ГОЛ.
СП 1999                       11
СП 2009                       92
ЕП 2012                       61
СП 2013                       44
ЕП 2014                       38
СП 2015                       45
ЕП 2016                       42
СП 2017                       50
ЕП 2018                       19
СП 2019                       48
ЕП 2020                       22
СП 2021                       28

со 92 гола е рекордер на светските првенства, а најдобар стрелец беше и на ЕП 2012 (тогаш со рекорд на европските првенства) и на СП 2017