Капитенот Кирил Лазаров влезе во историјата со подвигот остварен во синоќешниот пораз на Македонија од Шведска (20-32) на ракометниот Мундијал во Египет. Тој стана првиот ракометар кој постигнал гол на Светско првенство во четири различни декади.

Првиот негов погодок на мундијалите беше во истата сала во која тој настапи и синоќа, во Каиро, во далечната 1999 година, кога како 19-годишник стрелаше прецизно во последните секунди на мечот што Македонија го доби против Саудиска Арабија.

Против Швеѓаните, вчера со полни 40 години, Лазаров реализираше со 50-отстотна успешност, забележувајќи пет гола од 10 обиди.