Капитенот на македонската репрезентација Кирил Лазаров е свесен за пропуштената можност на Светското првенство и повика на поддршка за младите играчи кои се иднината на македонскиот ракомет.

– Уште пред почетокот на првенството кажав дека пласман во втора фаза со вака подмладена репрезентација ќе биде еднаков на светско чудо. Овде дојдовме со детска градинка, но сепак имам само пофални зборови за младите, кои допрва треба да се пробијат во репрезентацијата. Овие млади играчи се наш голем потенцијал. И јас сум бил млад и на почетокот од кариерата сум имал многу промашени натпревари кои ми донеле големо искуство. Токму ваквите натпревари многу значат за овие млади момци во собирањето на искуство кое многу ќе им значи во иднина. Затоа мора да им дадеме поддршка, бидејќи иднината е пред нив – истакна Лазаров.

Тој се осврна и на неисполнетите амбиции на Мундијалот.

– Факт е дека не успеавме во реализацијата на нашите амбиции, но ова невлегување меѓу најдобрите 12 селекции на СП не треба да не демотивира, туку напротив, да не охрабри сите да веруваме во генерацијата што доаѓа. Треба да ги засукаме ракавите и уште повеќе да се работи. Не треба сега да се предадеме и се што градевме досега да го фрлиме во вода. Исто така, факт е дека потајно посакувавме олимписки квалификации, но знаевме дека ова ќе биде тешко остварливо. Блиску сме до
пласман на Европското првенство што ќе се игра во 2020 година и преку тие натпрвари ќе имаме уште една шанса за пласман во квалификациите на ЛОИ. Токму затоа не треба да се откажуваме. Грешките кои ги направивме ќе се потрудиме да ги поправиме. Одиме понатаму со крената глава. Морам да кажам дека многу ни недостасуваа искусните играчи од последното ЕП, пред се Филип Миркуловски, Никола Маркоски, Мартин Велковски, Ацо Јоноски, Гоце Ојлески… Во спортот
има и победи и порази и затоа мора стоечки да се носиме со овој пораз и да продолжиме цврсто и борбено во следните два меча во Келн, па со победи да се збогуваме од ова СП – додаде капитенот. Та.Д.