Гласањето ќе биде отворено до 10 јуни, а олстар-тимот ќе биде објавен за време на завршниот фајналфор-турнир во Келн, на 12 и 13 јуни

РАКОМЕТ – ЛИГА НА ШАМПИОНИ

Капитенот и селектор на македонската ракометна репрезентација, десниот бек на француски Нант, Кирил Лазаров, репрезентативниот голман и член на португалски Порто, Никола Митревски, и левото крило на македонската репрезентација и унгарскиот првак Веспрем, Дејан Манасков, влегоа во поширокиот избор на Европската ракометна федерација (ЕХФ) за олстар-тимот на сезоната во Лигата на шампионите (ЛШ). На секоја позиција ЕХФ номинира по шест ракометари, а ќе може да се гласа само за еден.
Конкуренти на голманот Митревски се: Никлас Ландин од Кил, Емил Нилсен од Нант, Кевин Мелер од Барселона, Бенџамин Буриќ од Фленсбург и Владимир Цупара од Веспрем.
Ривали на Лазаров на десната бековска позиција се; Даниел Душебаев од Келце, Харалд Рајнкинд од Кил, Недим Ремили од ПСЖ, Дика Мем од Барселона и Омар Јахија од Веспрем, додека, пак, на левата крилна позиција, покрај Манасков, се уште Магнус Ландин од Кил, Хампус Ване од Флеснбург, Валеро Ривера од Нант, Тимур Дибиров од Вардар и Себастијан Бартолд од Алборг.
Освен играчи, ЕХФ номинира и шест тренери во изборот на олстар-тимот, а меѓу нив се Чави Пасквал (Барселона), Филип Јиха (Кил), Раул Гонзалес (ПСЖ), Маик Мачула (Фленсбург), Алберто Ентрериос (Нант), Стефан Мадесн (Алборг).
Гласањето ќе биде отворено до 10 јуни, а олстар-тимот ќе биде објавен за време на завршниот фајналфор-турнир во Келн, на 12 и 13 јуни.