Фото: Игор Бансколиев

Јас и соработниците сме подготвени, имаме план за Данска и за иднината. Ниту една победа не треба да нѐ крене во облаци и ниту еден пораз не треба да нѐ разочара и да ни ги наруши плановите и амбициите. Имаме квалитетен стручен тим и квалитетни млади ракометари, работиме посветено, така што Македонија не треба да стравува за својата ракометна иднина, рече Лазаров на првиот собир на репрезентацијата, пред дуелите со Данска в четврток во Скопје и в недела во Алборг

РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА СЕ ПОДГОТВУВА ЗА ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2022

Новиот предводник на македонскиот ракометен национален тим, капитенот и селектор Кирил Лазаров, ги собра репрезентативците за квалификацискиот двомеч за пласман на Европското првенство во 2022 година, што треба да се игра во Унгарија и во Словачка, во кој противник ќе им биде актуелниот светски првак Данска. Првиот меч е закажан за в четврток од 20 часот во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, а реваншот е в недела (16 ч.) во Алборг.
– Ни доаѓа селекцијата на Данска, која е двократен светски и олимписки првак. Имаме доволно време да се подготвиме, па до утрешното комплетирање на селекцијата со ракометарите од Германија и Митревски од Португалија ќе работиме со домашните играчи. Познати ни се нашите недостатоци од минатото. Македонија е ракометна земја и сакам да игра модерен ракомет. Јас и соработниците сме подготвени, имаме план за Данска и за иднината. Ниту една победа не треба да нѐ крене во облаци и ниту еден пораз не треба да нѐ разочара и да ни ги наруши плановите и амбициите. Имаме квалитетен стручен тим и квалитетни млади ракометари, работиме посветено, така што Македонија не треба да стравува за својата ракометна иднина – рече Лазаров на првиот собир на репрезентацијата.
На списокот на Лазаров за двомечот со Данска има 23 ракометари меѓу кои и Филип Миркуловски, кој како играч и тренер ќе ѝ помогне на репрезентацијата во обезбедувањето на шестиот во низа настап на европските првенства. Дел од репрезентативниот собир ќе бидат и неколку млади ракометни надежи што ќе добијат можност да ја почувствуваат репрезентативната атмосфера.

– Се надевам дека Миркуловски нема да престане со активно играње годинава, дека Македонија ќе се пласира на ЕП и дека Филип ќе биде дел од селекцијата. По сѐ што даде за македонската репрезентација во минатото, сакам со настап на голем собир да ја заврши репрезентативната кариера. Јас искрено би бил пресреќен да не треба да играм туку да го градам тимот околу младите играчи, но, сепак, со оглед на нашите цели и амбиции за задржување на континуитетот од учества на големите натпреварувања, ќе мора да помагам и на терен. Зависно од ситуацијата ќе проценуваме кога да бидам на теренот, а кога на клупата. Подготвен сум на сѐ. Во изминатите десет години секогаш им бев десна рака на селекторите и не ми е непозната таа улога. Посакувам и верувам дека ќе стигнеме до поставените цели – вели Лазаров.

По првите две квалификациски кола, Македонија и Данска имаат ефект од по две победи над селекциите на Финска и на Швајцарија. Пласман на ЕП обезбедуваат двете најдобропласирани селекции во секоја од осумте групи и четирите најдобри меѓу третопласираните. Освен домаќините Унгарија и Словачка, пласман на ЕП имаат и актуелниот првак Шпанија и вицепрвакот Хрватска.


СОСТАВ

Голмани: Никола Митревски, Мартин Томовски, Марко Кизиќ
Крила: Дејан Манасков, Цветан Кузманоски, Димитар Димитриоски, Гоце Георгиевски, Ненад Костески
Бекови: Мартин Серафимов, Мартин Велковски, Кирил Лазаров, Филип Миркуловски, Филип Кузмановски, Марко Мишевски, Горан Крстевски, Игор Ѓоргиев, Филип Талески, Емилијан Ѓорговски, Михајло Младеновиќ
Пикери: Стојанче Стоилов, Жарко Пешевски, Никола Маркоски, Михаил Аларов


ГРУПА 7
ЧЕТВРТОК

Македонија – Данска 20 ч.
Финска – Швајцарија 17 ч.

НЕДЕЛА
Данска – Македонија 16 ч.
Швајцарија – Финска 14 ч.

ТАБЕЛА
Данска 2 2 0 0 71-48 4
Македонија 2 2 0 0 58-47 4
Швајцарија 2 0 0 2 49-56 0
Финска 2 0 0 2 46-73 0