Македонската ракометна репрезентација го почна настапот на Европското првенство (ЕП) со победа над Украина од 26-25 (13-10), во неизвесниот дуел од групата Б одигран вечерва во Виена.

Капитенот Кирил Лазаров (беше најефикасен македонски ракометар со осум погодоци) го постигна голот за триумф во последниот напад од средбата, додека голманот Никола Митревски забележа 16 одбрани.

Избраниците на Данило Брестовац во два наврати имаа предност од пет гола (16-11 и 17-12) во вториот дел, но противникот успеа да го изедначи резултатот на 22-22 во 50-та минута за да се влезе во неизвесна завршница.

Домаќинот Австрија славеше против Чешка со 32-29 во првиот дуел од групата Б. Македонија ќе се сретне со Чешка в недела од 16 часот, во натпреварот од втората рунда. Двете најдобри селекции од групата ќе се пласираат во наредната фаза.