Ракометарите ги почнаа подготовките за Европското првенство

Ракометната репрезентација на Македонија официјално ги започна подготовките за претстојното Европско првенство (ЕП) во Словачка и Унгарија. Македонија на ЕП за противници ќе ги има Словенија, Данска и Црна Гора.

– Веруваме во убави работи и во исто време цврсто стоиме на земја. Знаеме што нѐ очекува. За Словенија не треба да трошам зборови. Данска е олимписки шампион. Сигурно сериозно ќе нѐ сфати по нашата победа во Скопје, ќе биде тешко да се повтори тој резултат. Црна Гора, предводена од селекторот Рогановиќ заслужува почит. Со срце играат за државата. Мораме да бидеме претпазливи. Имаме доволно време за подготовки – изјави Лазаров.

Селекторот дополнително го повика пикерот на Алкалоид, Марко Стојковиќ. Тој е замена за Никола Маркоски, доколку искусниот играч не успее да се рехабилитира од повредата.

Првиот дел од подготовките селекторот ќе го спроведе во Маврово. За време на подготвителниот период пред настап на Европското првенство македонската селекција ќе одигра пријателски контролни натпревари со машките сениорски репрезентации на Кувајт и Израел.

Натпреварите со Кувајт ќе бидат одиграни во рамки на првиот дел од припремиот период во Маврово на 27 и 29 декември, додека контролните натпревари со репрезентацијата на Израел ќе бидат одиграни во Скопје во Спортски центар „Борис Трајковски“ на 3 и 4 јануари 2022 година, за време на вториот дел од подготовките, кои ќе се одвиваат во Скопје од 1 до 11 јануари.