МВП и најдобар стрелец кај девојките беше Ангела Јанкуловска од Куманово, а кај мажите признанието за најкорисен играч му припадна на Иван Чупиќ од Вардар

РАКОМЕТ – КУП НА МАКЕДОНИЈА

Ракометарките на Куманово го одбранија Куп-трофејот на Македонија освоен во 2019 година, откако со доминантна игра во финалето го победија Вардар, со 26-18. Кумановки зад себе имаат одлична сезона и во женската Суперлига, на пет кола до крајот, се на првата позиција со 55 бода, односно 18 победи и едно реми со второпласираниот Вардар, кој, пак, има 52 бода и меч повеќе.
За најкорисен играч (МВП) и најдобар стрелец на Куп-финалето беше прогласена битолчанката од редовите на Куманово, Ангела Јанкуловска, додека, пак, признанието за најдобар голман го освои Андреа Илиќ од Вардар.
Со победата над Еурофарм Пелистер, со 26-24, во финалето на Купот на Македонија, ракометарите на Вардар стигнаа до 14-от трофеј во својата клупска историја. Централниот бек на Еурофарм Пелистер, Јосип Периќ, со девет гола беше најдобар стрелец на финалниот дуел, признанието за најдобар голман го доби Борко Ристовски од Вардар, кој, пак, пехарот му го препушти на голманот на Еурофарм Пелистер, Градимир Чаневски, а за најкорисен играч (МВП) беше прогласено десното бек-крило на Вардар, Иван Чупиќ.
Од досегашните 28 машки финалиња, Вардар има 14 трофеи, Металург шест, Пелистер пет, а по еден имаат Тутунски комбинат Прилеп, Борец Велес и Шевро Куманово. Кај девојките, пак, 16 трофеи има Кометал Ѓорче Петров, Вардар шест, Металург четири и Куманово два25