Ракометрите на Кристијанстад го шокираа Веспрем, забележувајќи ја првата победа во 7-то коло од годинашнава Лига на шампионите (ЛШ). Со одлична игра во второто полувреме, шведскиот првак славеше со 32-29, нанесувајќи му го четвртиот пораз на унгарскиот состав. Францускиот гигант ПСЖ, предводен од селекторот на македонската репрезентација Раул Гонзалез, ја продолжи победничката серија од седум победи во низа. Овој пат нивна жртва беше бундеслигашот Флензбург, кој, иако на полувремето имаше предност од три гола (15-12), сепак беше принуден да капитулира под налетот на левото крило Уве Генсхајмер и десниот бек Недим Ремили.

Победата и понатаму е мисловна именка за актуелниот првак Монпелје, кој сега загуби и од тимот на Филип Талески, германски Левен, со преубедливи 27-37. Прва победа на домашен терен забележа тимот на Лино Червар, Загреб, против словенечки Целје, со 24-22. Доминантен беше полски Киелце, кој на гости кај белоруски Мешков славеше со 35-26. Силкеборг славеше на гостувањето кај Чеховски Медведи, со 30-24, а Татран вторпат сезонава беше подобар од Бешикташ, со 27-23. Ракометарите на Металург беа запрени од португалскиот првак Спортинг, со 24-31, во обидот да ја продолжат победничката серија. По одлични 40 минути игра, Металург повторно влезе во „црн“ период и со серија промашувања и технички грешки му овозможи на Спортинг да стигне до петтата победа сезонава. Ракометарите на Висла и Динамо стигнаа до петтата победа сезонава во ЛШ и со по 10 бода се на делба на првата позиција во групата Д. Висла славеше над Елверум, а Динамо беше подобар од Адемар Леон.