Игор Котевски (тренер на РК Бутел) Фото: Маја Јаневска-Илиева

За две години успеавме да направиме нешто што ретко кој го очекуваше. Но штом има посветеност и љубов кон тоа што се работи, добра соработка меѓу управата, синергија на клубот и играчите, мислам дека резултатите никако нема да изостанат, вели тренерот Котевски

Ракометниот клуб Бутел, предводен од тренерот Игор Котевски, има амбиции да се пласира во плејофот веќе во првата сезона во која се натпреварува во Суперлигата, што е доказ за сериозноста на амбициозниот проект на дебитантот во најсилната ракометна клупска конкуренција во Македонија. Бутел, чија игра се заснова на цврста одбрана, со многу полуконтри и со т.н. брз центар го зазема петтото место на првенствената табела по 14 одиграни меча, со еден бод помалку од четвртопласираниот Пролет, кој е на позиција што води во доигрувањето.

– Бутел е прва година во Суперлигата. Ние сме презадоволни. Ни беше цел да избориме плејоф и мислам дека ќе успееме во тоа. Екипата има одлична хармонија. На местата каде што имаме потреба ќе донесеме двајца играчи, за да бидеме посериозни, поконкурентни во плејофот. Не сакаме само да учествуваме, туку и да ги измориме Вардар, Металург и сите други. Вардар и Металург се далеку пред другите. Тие со играњето во Регионалната лига и во Лигата на шампионите, каде што имаат силни мечеви на кои има простор младите играчи да созреат, се понапред од нас. Но, сепак, ќе се бориме за првенството да биде интересно и ќе се обидеме да победуваме. Се надеваме преку плејофот да избориме место во Европа и од година на година ќе бидеме сѐ подобри. Одиме чекор по чекор. Само би сакал да се задржи конструкцијата на тимот и да додадеме еден-двајца играчи, бидејќи не сум поборник на ангажирањето голем број ракометари – објаснува Котевски.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Бутел има долгорочни планови, кои се засноваат на добра организација и на соработка во клубот.

– Мојата девиза е да играме ракомет и да уживаме во тоа што го работиме. Имаме одлична соработка со сопствениците на клубот, која се надевам дека ќе продолжи уште долго. Сѐ што беше предвидено, ни беше и овозможено. Успеавме за две години да направиме нешто што никој не го очекуваше, но штом има добра соработка меѓу управата, клубот и играчите, мислам дека резултатите нема да изостанат. Бутел има кадетска и младинска екипа каде што се работи добро, имаме нова сала, поддршка од општината и од сопствениците на клубот. Сметам дека Бутел е сериозен проект, кој само ќе стане поголем. Уште на првиот состанок со сопственикот Александар Стефанов рековме дека ќе правиме екипа што ќе трае со години и размислуваме на долгорочни патеки. Направивме солидна екипа и мислам дека желбите и амбициите се остварени уште во првата година – вели Котевски.

Зимските подготовки на Бутел почнуваат в понеделник, а во план е еден дел од нив клубот да ги помине во Врњачка Бања, Србија, каде што веќе освои еден турнир за време на првенствената пауза.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Разликата помеѓу европските и другите селекции сѐ повеќе ќе се смалува

Четири репрезентации предничат на Светското првенство во ракомет. Шампионот ќе се бара меѓу Франција, Германија, Шпанија и Данска. Може да се случат некои изненадувања, но мислам дека квалитетот на овие репрезентации е голем. Се игра побрз ракомет. Многу повеќе се трча. Чиле победи, Бразил победи, сите вложуваат во ракометот и разликата помеѓу европските и другите селекции сѐ повеќе ќе се смалува. Македонија на секое ЕП и СП ја прави истата грешка, кога не ги чува силите за вистинските мечеви. Во секој случај треба да им се даде поддршка на ракометарите што се на СП, бидејќи многупати нѐ израдувале. Треба да ги чуваме бидејќи ние сме мала држава. Ракометната федерација ги има сите услови откако дојде Живко Мукаетов и можеме само да посакаме дека ќе остане на функцијата, изјави Игор Котевски, тренерот на РК Бутел.

Фото: Маја Јаневска-Илиева