Здравјето е пред сѐ, да се следат препораките за заштита, да се почитуваат протоколите и да се чува здравјето, вели Миркуловска

МАРИЈА МИРКУЛОВСКА, ПСИХОЛОГ, КОНСУЛТАНТКА НА РК МЕТАЛУРГ

Пандемијата на коронавирусот во 2020 година направи сериозни проблеми во сите сфери на живеењето, а не го заобиколи и спортот. Првите реакции на спортските федерации беа одложувања и прекинувања на натпреварувањата, но најголемите проблеми почнаа со почетокот на новата сезона кога спортистите се обидоа да се вратат на своите активности, па често се соочуваа со карантин, тестирања, нови одложувања, нередовни тренинзи и натпреварувања и сл. За тоа какво е влијанието на пандемијата на коронавирусот врз психичкото здравје на спортистите и врз спортот воопшто, разговаравме со психологот Марија Миркуловска, консултантка на РК Металург.
– Самото присуство на коронавирусот предизвикува физички и психички притисок кај спортистите. Кај нив се јавува страв од зараза, вознемиреност, реакции на напнатост и загриженост. Во одделни случаи стравот може да ескалира до степен на паничен напад и анксиозност, кои доаѓаат како последица на негување негативни мисли и емоции што го зголемуваат нивото на стрес.

Со тоа се создава бариера меѓу соиграчите што ги намалува нивната продуктивност, креативност, иницијативност и меѓусебната соработка. Затоа во вакви ситуации многу е важно брзо да се реагира и да им се даде стручна психолошка поддршка на поединците, бидејќи анксиозноста и стравот се непријатни емоции што се шират еднакво брзо како и вирусот – рече Миркуловска, која вели дека мониторингот и процената на менталното здравје на спортистите се еднакво важни како и на физичкото.
Таа додава дека анксиозноста е природен одговор против непознатото.
– Ваквите реакции во период на изолација се нормален одговор кај спортистите затоа што вирусот го доживуваат како пречка во личната себереализација. И во ситуација кога спортистите вирусот го поминале со лесна клиничка слика или без симптоми, враќањето на терен мора да биде умерено и со постојан надзор на клупскиот лекар – вели Миркуловска, која додава дека и по добивањето негативен тест треба да се продолжи со земање витамински суплементи и балансирана витаминска исхрана, дополнето со многу сон и одмор за комплетна регенерација на телото.
Една од загубите за спортот, како последица на коронавирусот, е и играњето без публика.

– Играњето без гледачи од корен го промени спортот и во очите на публиката и во очите на спортистите. Играта без публика е исклучително тешка за спортистите, бидејќи тие се навикнати на емоционална, адреналинска поддршка што ја добиваат од трибините во моменти кога им недостига еден чекор за победа. Публиката е мотиватор и инспирација на спортистите за презентација на нивните најдобри квалитети на теренот, а во отсуство на мотивација и инспирација тешко се стигнува до посакуваната цел. Иако сите посакуваме и се надеваме дека ситуацијата со коронавирусот за брзо време ќе се стави под контрола и животот ќе се врати во нормала, очигледно е дека коронавирусот уште некое време ќе биде сериозна пречка на патот на спортот. Здравјето е пред сѐ, па затоа во овој период многу е важно спортистите, тренерите и клубовите да имаат поширока перспектива на нештата околу себе и покрај однапред поставените цели и планови. Да се следат препораките за заштита, да се почитуваат протоколите и да се чува здравјето – вели Миркуловска.

[email protected]