Женската ракометна репрезентација на Македонија не успеа да го помине бараж-двомечот и да обезбеди пласман на Светското првенство (СП) што во декември треба да се игра во Јапонија, откако загуби во двата дуела со селекцијата на Словенија (33-30 и 38-27). Словенките го обезбедија шестиот настап на мундијалите.

На СП во Јапонија нема да играат ниту Хрватска, Чешка, Белорусија, Полска, Австрија… Дел од 25-то СП за жени ќе бидат домаќинот Јапонија, бранителот на титулата Франција, трите најдобри селекции од Европското првенство лани, Холандија, Романија и Русија, како и европските селекции кои успешно ги поминаа баражите – Германија, Данска, Шведска, Норвешка, Србија, Црна Гора, Словенија, Шпанија и Унгарија.

Пласман обезбедија и Бразил и Аргентина, како најдобри во Јужна и во Централна Америка, потоа Кина, Казахстан, Австралија и Јужна Кореја како најдобри од Азија, Конго, Сенегал и Ангола како најдобри од Африка, како и Куба како победник на шампионатот во Северна Америка и Карибите.

Годинашниот мундијал ќе биде последен на кој ќе учествуваат 24 селекции, а од СП 2021 ќе играат по 32 селекции.