Германски Кил стана европски првак по четврти пат откако ја совлада фаворизираната Барселона со 33-28, во финалето на фајналфорот од ракометната Лига на шампионите (ЛШ) одиграно вечерва во Келн. Кил претходно ја освојуваше ЛШ во 2007, 2010 и во 2012 година, а Барселона остана на деветте досегашни трофеи.   

Голманот Никлас Ландин со 14 одбрани беше меѓу најзаслужните за триумфот на „зебрите“ кои го вратија престижниот трофеј во Германија по пауза од шест години.

Никлас Едберг беше најпрецизен кај новиот европски првак со осум гола, додека се истакна и Сандер Сагосен со седум погодоци, додека кај поразената екипа предничеше Алеикс Абелјо со 10 реализирани удари.

Кил постојано беше во предност која изнесуваше и пет гола во второто полувреме. Барселона пред финалниот меч немаше пораз уште од 14 септември минатата година, кога загуби од ПИК Сегед со 28-31.

Претходно денеска, ракометарите на Пари Сен Жермен славеа против Веспрем на Дејан Манасков со 31-26, во мечот за третото место. На фајналфорот учествуваа најдобрите четири екипи од групната фаза во ланското издание на ЛШ, кое беше прекинато поради пандемијата на коронавирус. На тој начин македонскиот првак Вардар не беше во можност да го брани трофејот освоен во 2019 година.