РАКОМЕТ – ГЕРМАНИЈА ЈА ПРЕКИНА СЕЗОНАТА

По видеоконференцијата, претседателите на клубовите со тричетвртинско мнозинство одлучија сезоната во Германија да заврши според моменталната состојба на табелата, така што ракометарите на Кил стигнаа до својата 21 шампионска титула (втор на оваа листа со титули е Гумерсбах со 12 трофеи), прва по 2015 година. Со тоа Кил обезбеди и место во елитната Лига на шампионите (ЛШ) за следната сезона.

– Направивме сѐ што е во наша моќ регуларно да ја завршиме сезоната, но пандемијата на коронавирусот едноставно не ни го дозволува тоа во моментов. Не можевме повеќе да одложуваме, бидејќи краток е периодот до 30 јуни, ракометарите нема да имаат доволно време одново да се подготват за силни натпревари – изјави за „Кикер“ претседателот на Бундес-лигата Уве Швенкер, додавајќи дека поради ваквата ситуација останале без алтернатива.

Место во елитата ќе има и за вицешампионот Фленсбург, а Магдебург (трет), Хановер (четврти) и Левен (петти) обезбедија место во Лигата на Европа. На конференцијата беше одлучено да нема испаѓање од Лигата, па двете најдобропласирани екипи од Втората лига, Колбург и Тусем Есен, ќе бидат дел од елитата во следната сезона.