Игравме против квалитетни и силни екипи. Ним е третопласиран во француското првенство, дел од првата лига е и Кретеј, а Саран и Шербург се водечки во Втората француска лига, вели тренерот на Металург

Факт е дека на оваа турнеја резултатот беше во втор план, за сметка на уигрувањето и собирањето меѓународно искуство од силни натпревари. Затоа, на овие мечеви најважно ми беше да проверам на кои од младите ракометари ќе можам да сметам во продолжението од пролетниот дел од сезоната. Игравме против квалитетни и силни екипи. Ним е третопласиран во француското првенство, дел од првата француска лига е и Кретеј, а Саран и Шербург се водечки во Втората француска лига. Четирите одиграни мечеви беа одличен тест за нашата игра, рече тренерот на Металург, Зоран Кастратовиќ, по завршувањето на турнејата во Франција

Ракометарите на Металург во Франција играа со Ним (23-36), Кретеј (25-30), Шербур (21-22), а редуцираниот состав на тренерот Кастратовиќ го загуби и малото финале на турнирот со францускиот второлигаш Саран, по изведувањето пенали. Искусниот француски состав одлично го почна натпреварот и на полувреме имаше предност од шест гола (18-12), но со борбена и цврста игра во продолжението од мечот, тимот од Автокоманда успеа да стигне до изедначување 32-32. Победникот на мечот се решаваше со изведување пенали, во кои поуспешен и поконцентриран беше тимот на Саран (35-33).

На турнејата во Франција, во Металург ги немаше репрезентативците Марио Танкоски и Мартин Серафимов, кои беа дел од македонскиот национален тим на Европското првенство (ЕП), со нив не отпатува и повредениот Велко Маркоски, како и грузиските интернационалци Иракли Кибијашвили и Равез Чантурија, кои со селекцијата на Грузија играа претквалификациски натпревари за пласман во квалификациите за Светското првенство во 2021 година во Египет.

Иако во некомплетен состав, избраниците на Кастратовиќ во поголем дел од мечевите им парирале на многу поискусните противници.

– Одбраната во формација 6-0 со Дупјачанец на голот беше солидна. Во нападот ни недостигаше концентрација, па на противниците им дозволивме многу лесни голови од контранапад. Ги увидовме нашите позитивни и негативни страни, кои во следните неколку дена ќе се обидеме заеднички да ги коригираме, за да го дочекаме подготвени продолжението од сезоната во домашното првенство – рече Кастратовиќ.